Претседателот Ѓорге Иванов за време на работната посета на Турција, каде учествува на Светскиот хуманитарен самит што се одржува во Истанбул, се сретна сo премиерот на Грција, Алексис Ципрас со кого разговараше на повеќе теми во контекст на билатералните односи, предизвиците од мигрантската криза и актуелните политички и економски состојби во двете земји.
„Во однос на билатералните односи двајцата соговорници ги поздравија напорите што се прават преку имплементацијата на мерките за градење на доверба и се заложија за почести контакти нависоко и највисоко ниво. Во таа насока се разговараше за заеднички проекти за инфраструктурните поврзувања и прекуграничната соработка. Соговорниците се согласија дека треба да се работи на унапредување на економските врски меѓу двете земји. Премиерот Ципрас извести за актуелните економски состојби во Република Грција, и предизвиците од мигрантската криза. Претседателот Иванов, на интерес на соговорникот, истакна дека политичкaта криза во Република Македонија трае предолго, дека е потребно што е можно побрзо да се стави крај на истата и дека единствениот начин за тоа е спроведување на фер и демократски избори. Двајцата соговорници разменија мислења за бегалската и мигрантската криза особено за состојбата во бегалскиот камп Идомени и обидите за илегални премини во Република Македонија. Претседателот Иванов и премиерот Ципрас се согласија дека треба да се внимава како на хуманиот така и на безбедносниот аспект на кризата“, стои во соопштението од кабинетот на Иванов.