Истиот ден кога целосно ја поништи аболицијата, претседателот Ѓорге Иванов донел одлука за помилување на нови 24 лица од натамошно издржување на затворските казни.
Одлуката на Иванов е објавена во вчерашниот број на „Службен весник“. Според она што може да се види две лица целосно се ослободуваат од „извршување на неиздржаниот дел од казната затвор“, на шестмина затворските казни име се заменуваат со условни казни од 3 односно 2 години, а 16 осуденици делумно се ослободуваат од казната.
Од кабинетот на претседателот за „Мета“ велат дека помилувањата на осудени лица е редовна пракса, која не е карактеристична само за празници.
– Помилувања нема само за празници, односно тогаш ги објавуваме помилувањата поради поводот. Кога има молби од осудени лица или по предлог на казнено поправните установи претседателот дава помилувања. Речиси еднаш месечно се даваат помилувања – ни одговорија од кабинетот на Иванов.
Меѓу помилуваните се Љубица Каровска, која беше осудена бидејќи со лажна факултетска диплома работеше како лекар во Здравствениот дом во Кавадарци и Перица Јанковиќ зад кого стојат повеќе разбојништва.