Вести Македонија

Иванов се пофали дека спречил судири и распали по Заев, Ахмети, СЈО, НВО и странците

Сподели:

ivanov-e1448121884138

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во обраќањето до нацијата порача дека не планира да поднесе оставка и покрај барањето на опозицијата за негов импичмент поради аболицијата која ја продлабочи кризата.

Во досега најострата критика за опозицијата, Специјалното јавно обвинитество, граѓанскиот сектор и „партнерите“, Иванов рече дека досега ниту еден претседател не бил повикан на одговорност за справување со тешки ситуации во земјата, но исто така потсети дека досега никој не одговарал за обидот за атентат на еден од неговите претходници, како и за авионската несреќа во која исто така загина претседател на државата.

Тој посочи дека изминатата година Македонија била изложена на опасности по нејзината безбедност и дека поради кризата и политичките прекупувања, работата на институциите била минирана. Иванов оцени и дека Специјалното јавно обвинителство потфрлило во својата работа.

– Состојбата се усложнуваше. Договорот од Пржино беше де факто мртов. Институциите беа парализирани и постоеше висок ризик да не можат да одговорат. Армијата и полицијата спречија над 15.000 илегални обиди за влез во земјата. Спречена беше терористичка група од северната граница… Во изминатата година се случија десетина напади врз институции. Имаме закани од странски терористички напади, закани за атентати, зголемени се ризиците. СЈО вршење селективен прогон кои предизвикаа тензии во општеството кои можеа да предизвикаат граѓански конфликт. Бевме на чекор од отворен граѓански судир, најавен од осомничените во „Пуч“. Имав два инструменти за решавање – реактивен и превентивен. Да чекам, па да ја повлечам војската и да ја отворам јужната граница и да дозволам илегални мигранти да ја преплават Македонија. Вториот беше да интервенирам и да спречам. Затоа превентивно донесов одлука да ги помилувам сите, за да ја смирам ситуацијата. Одлуката предизвика револт кон мене, но со тоа ги спречив обидите за конфликт. Што требаше да дозволам? Отворен судир меѓу двете страни? Требаше да дозволам да падне крв на улиците? Мојот личен углед беше доведен под прашање. Подобро да бидат горени моите фотографии, отколку институциите. Подобро јас да сум критикуван, отколку да ескалираше ситуацијата – рече Иванов.

Тој рече дека бил обвинет за неодговорно однесување поради аболицијата, но истакна дека го направил спротивното, ја презел целосно одговорноста.

– Ме обвинија дека сум придонел за дестабилизација и протести, напротив, само ги забрзав, бидејќи тие беа од претходно планирани. Правната држава ја нарушија оние кои немаа култура и доблест проблемите да ги решаваат низ институциите и дијалог – СДСМ и ДУИ. Тие наместо да седнеме на маса, трчаа по странските амбасади. Ме обвинуваат дека одлуката била да го поништам СЈО, но тоа е ад хок институција, која требаше да биде инструмент за правда, а се покажа како инструмент за уцена. Тие ги избраа само документите против власта, и создадоа мачна ситуација во општеството. Наместо специјално добивме селективно обвинителство. Ме обвинија дека со помилувањето сум дал порака дека политичарите се недопирливи и над законот. Ги повлеков сите аболиции. Денеска единствен аболиран е Зоран Заев и го повикувам ако не блефира, да поднесе барање за повлекување на неговата аболиција. Ја повлеков одлуката затоа што сега имаме функционални институции, имаме политичка, а не техничка влада, имаме Собрание кое може да носи закони, безбедносните служби кои се под една команда и едно старешинство. Во Македонија се води специјална војна, која се има намера да се држи тензична ситуација со некакви технички влади – рече Иванов.

Претседателот рече дека Договорот од Пржино не се исполнет и оти на улиците гледаме театар од оние кои не ги признаваат институциите.

– Никому не му е оспорено правото да го искаже своето незадоволство од власта, но никаде не се дозволува хулиганство и уништување, тоа е казниво. Лидерите на партиите да внимаваат што договараат, олеснувачите да внимаваат какви пакети предлагаат, пратениците да внимаваат за какви закони гласаат. Автентичниот невладин сектор кој со години конструктивно придонесува кон решавање на бројни проблеми во општеството да се дистанцира од оние поединци и групи кои протестираат само за да профитираат. Ги повикувам партнерите да не ја користат состојбата за остварување свои интереси. Блокирањето на европска и евроатлантска иднина придонесе кон блокирање на политичките процеси во Македонија. Затоа, ги повикувам Европската Унија и НАТО да го деблокираат патот на Македонија. Процесот на преговори и затворање на поглавјата досега ќе ги научеше политичките елити на културата на дијалог и компромис – рече Иванов.

Тој ги повика политичките лидери што не ја признаваат институцијата претседател дека имаат должност да не ја загрозуваат независноста и суверенитетот земјата, доведувајќи ја во состојба на потчинетост и зависност кон други држави, центри на моќ или недржавни актери.

– Не смее да се дозволи целата држава и народот да биде заложник на карактерите, егото и личната омраза на овие неодговорни политичари. За такви не треба да има место на политичката сцена. Ако во остварување на која било цел се водите од омраза и деструкција, тогаш неуспехот е загарантиран. За крај, на овие неодговорни политичари кои од мене бараа одговорност, ќе им го порачам следново: Како претседател имам одговорност кон граѓаните кои ме избрале и кои ми дале легитимитет. Имам одговорност кон вооружените сили чиј врховен командант сум. Имам одговорност кон државата на чие чело сум во овие тегобни и мачни времиња. И, со таа одговорност, како и досега, така и во иднина ќе постапувам единствено и исклучиво, според Уставот и законите на Република Македонија во заштита на државните интереси и националната безбедност – рече Иванов на крајот од обраќањето.

http://meta.mk/ivanov-se-pofali-deka-sprechil-sudiri-i-raspali-po-zaev-ahmeti-sjo-nvo-i-strantsite/

Сподели: