Вести Македонија

Избришани дел од „бомбите“ од „Јутјуб“

Сподели:

Седумнаесет „бомби“ досега се избришани од официјалниот канал на СДСМ на „Јутјуб“, а во најголемиот дел од нив, според СДСМ, се слуша гласот на експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, објави „А1 он“.

На избришаните „бомби“ пишува дека извесна фирма „ОМД Нетворк“ побарала авторски права, па поради тоа содржината е отстранета.

Од каналот на СДСМ се отстранети „бомбите“ за смртта на Никола Младенов, разговорот во кој, според СДСМ, се слуша дека Сашо Мијалков стои зад фирмата СГС, „бомбата“ во која, според СДСМ, се слушаат Груевски и Али Ахмети како договараат закон за бранители, за што подоцна „Викиликс“ објави документ, потоа за плацевите кои, според СДСМ, Груевски си ги купил на Водно, разговори за кои СДСМ обвини дека се слуша како ВМРО-ДПМНЕ мести избори, прислушува новинари и уште многу други.

Од СДСМ велат дека не се запознаени со отстранувањето на „бомбите“.

– Наша претпоставка е дека такво пријавување може да прави некој кому му пречат „бомбите“, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа Никола Груевски не може да избега од вистината, па колку сака нека ги брише „бомбите“ од каналот „Јутјуб“ – рече за „А1 он“ портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Сепак, „бомбите“ може да се најдат на повеќе други веб-страници и интернет-медиуми, како аудиоснимки и/или транскрипти, како, на пример, на „Вистиномер“.

Сподели: