Во селото Гари свечено е отворена спомен-соба посветена на големиот македонски копаничар Петре Филиповски-Гарката, роден токму во ова мијачко село, од каде што тргнал да ги создава своите дела во црквите и манастирите низ Балканот.

Отворањето на спомен-собата се одржа во пресрет наголемиот христијански празник, Голема Богородица, ден кога традиционално во Гари се собираат иселениците и жителите на селото, во духот на познатото правило меѓугарчани: „Каде и да си, за Голема Богородица во Гари да си!“

Спомен-собата е создадена благодарејќи на ентузијазмот и посветеноста на неколкумина вљубеници во Гари, со цел да се зачува споменот на Гарката и богатата копаничарска традиција на Мијачијата.
Во собата се изложени предмети што некогаш биле дел од традиционалниот мијачки дом, меѓу кои мала масичка, триножни столчиња и други етнолошки предмети.
Посебен дел е посветен на копаничарството, со копаничарска маса со две менгемиња, стара над 100 години, како и витрини во кои се изложени алатите што ги користеле копаничарите. Централно местово работниот дел има импозантниот портрет на Петре Филиповски-Гарката, дело на академската сликарка Виолета Сиљан Македонска. Спомен-собата располага и со библиотека со стотина книги посветени на копаничарството, веронауката, македонскиот јазик и културата.
„Можеби најголемата вредност на Петре Гарката е тоа што тој никогаш не го заборавил својот корен. Од едно малосело, Гари, тргнал мајстор чии дела останале во најзначајните православни храмови и манастири. Неговата тајфа работела на иконостасот во манастирот „Свети Гаврил Лесновски“, на прочуениот иконостас во црквата „Свети Спас“ во Скопје и на делата во Призрен, а своето врвно монументално остварување го оставила во манастирот„Свети Јован Бигорски“, рече Стево Лазаревски, претседател на Месната заедница Гари.
Со отворањето на спомен-собата, Гари доби уште едно место за чување и пренесување на богатото културно наследство на Мијачијата и споменот на еден од најзначајните македонски копаничари.


