Изгласана потребата од Законот за употреба на јазици

Сподели

Собранието на Република Македонија гласаше „за“ потребата од носењето на Законот за употреба на јазици, со што предложениот закон преминува во второ читање. Шеесет и шест пратеници гласаа “за”, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ 41 глас беа „против“.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски посочи дека законот е противуставен, дека не ги затвора проблемите на меѓуетничките односи во Македонија и во постапката на носење на овој закон биле злоупотребени Деловникот на Собранието и знамето на Европската Унија за да се намали обемот и квалитетот на дебатата.

– Овој закон разградува и создава паралелни општества, ја прави Македонија покревка држава. По неговото носење институциите нема да бидат поефикасни за граѓаните ниту, пак, поекономични за државата. Законот нема да ја направи Македонија мултиетничко општество, туку ќе ја направи бинационална и бијазична држава – посочи Димовски.

Амандманите за Предлог законот ќе се разгледуваат на Комисијата за европски прашања, а потоа законот по второто читање ќе оди повторно на пленарна седница на дебата, по што ќе следува финално изјаснување на пратениците по текстот.