Вести Македонија Ударни вести

Јавна благодарност и признание до здравствените, полициските службеници и припадниците на армијата

Сподели:

 

“Изразувам јавна благодарност и високо ниво на почит и признание до сите здравствени работници, до сите полициски службеници, до сите припадници на армијата, до сите кои ги водат јавните комуникации и до секој службеник кој учествува во реализација на акциите кои ги преземаат институциите. Благодарност и до вас новинарите за навременото, отчетно и отворено известување до македонската јавност.
Сите вие сте на висина на задачата – секоја чест!

Наша задача е, како граѓани, целосно и строго да ги почитуваме мерките!

Шопинг моловите, угостителските објекти, казината, обложувалниците се затворени. Забранет е влез на лица кои доаѓаат од држави со висок или среден ризик од корона, затворени се гранични премини со сите соседни држави освен 5-те најголеми, Табановце, Блаце, Деве Баир, Богородица и Ќафасан. Затворен е аеродромот во Охрид.

Уште претходно беа затворени се сите градинки, основни и средни училишта, факултети и универзитети, затворени се спортските објекти како вежбални, базени, фитнес центри, спортски сали и стадиони. Забранети се сите јавни или приватни масовни собири.

Ризичните групи се ослободени од работни обврски, а ослободен е и еден родител на дете до 10 годишна возраст кои посетуваат градинка или училиште. Ако е потребно, а веројатно ќе биде потребно, мерките ќе се заоструваат!

Треба да имаме на ум дека се справувавме со нов и непредвидлив вирус, каде потенцијална жртва е секој од нас.

Се трудиме максимално сите ситуацијата и натаму да биде и да се држи под контрола. Да нема нови жаришта, да не броиме жртви туку излекувани. Сликите од нашите градови, од нашата татковина да не бидат исти како сликите од Вухан, од Кина, како сликите од северна Италија.

Но, за да се случи тоа, потребна е максимална посветеност, максимална ангажираност од секој еден од нас. Да продолжиме како и досега да се однесуваме одговорно и зрело, затоа што се работи за нашето здравје, за здравјето на нашите најблиски.

Да не подлегнуваме на дезинформации и на лажни вести кои шират паника. Да се информираме исклучиво преку институциите и медиумите кои ги пренесуваат официјалните информации на институциите.

Затоа што здравјето и безбедноста на граѓаните немаат и никогаш нема да имаат цена – изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Сподели: