Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад, каде што посебен акцент беше ставен на завршните подготовки на командниот центар, за практична примена на системот „Безбеден град“ на подрачјето на Секторот.
„Во завршна фаза сме со уредувањето на командниот центар во СВР Охрид, кој е неопходен за да започнеме со практична примена на ‘Безбеден град’. Начелно се договоривме со раководството дека ќе бидеме подготвени системот да започне со примена од 12 октомври на целата територија на СВР Охрид. Тоа значи дека ‘Безбеден град’ го прошируваме и на подрачјата на Охрид, Струга, Кичево и Дебар. Во следните две недели треба да ги завршиме преостанатите активности за овој паметен систем целосно да го ставиме во функција“, истакна министерот Тошковски.


