Јункер: Проширување со земјите од Западниот Балкан во следниот мандат на ЕК

Сподели

Претседателот на Европската Комисија во годишното обраќање пред парламентот најави дека во актуелниот мандат на неговата влада нема да има проширување на ЕУ, но вети перспектива за Западниот Балкан, пренесува Дојче веле.

Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер најави „нов ветер во едрата на ЕУ“ во годишното обраќање пред парламентот на ЕУ во Стразбур.

„Сега имаме прозорец на можности, но тој нема да остане отворен засекогаш. Ајде да го искористиме овој момент: да го фатиме ветрот во нашите едра“, рече Јункер.

Јункер побара проширување на еврозоната со сите актуелни земји-членки на ЕУ. Во моментов, само 19 од 28-те членки на ЕУ се дел од заедничката валута. Дополнително, Јункер бара и проширување на Шенген зоната, најпрво со Бугарија и Романија, а подоцна, кога ќе ги исполни условите, и со Хрватска.

Веродостојната перспектива за проширување со земјите од Западниот Балкан, според Јункер, е многу важна доколку „сакаме поголема стабилност во соседството“. Сепак, тој ја отфрли можност проширувањето да се случи во актуелниот мандат на Европската Комисија кој завршува во 2019 година.

„Јасно е дека нема да има натамошно проширување за време на мандатот на оваа Комисија и овој Парламент. Ниту еден од кандидатите не е подготвен сега. Но потоа, Европската Унија ќе биде поголема од сегашниот број од 27 членки. Кандидатите за членство мораат да му дадат најголем приоритет на владеењето на правото, судството и основните права“, рече Јункер.

Од друга страна, Јункер оцени дека Турција се оддалечува од ЕУ и дека мора да им даде приоритет на „владеењето на правото, судството и основните права“.

„Тоа го исклучува членството во ЕУ на Турција во догледна иднина“, рече тој. Јункер ја повика Анкара и да ги ослободи притворените европски новинари и да престане да ги навредува европските политичари.

 

DW.COM