Денеска (15.11.2026), во Скопје, кај фонтаната во Градскиот парк, полициски службеници од Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи и Одделението за превенција при СВР Скопје, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), реализираа заедничка превентивно-едукативна активност за подигнување на свеста и унапредување на безбедноста во сообраќајот, во знак на одбележување на „Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди“.


Активноста беше насочена кон подигнување на свеста за значењето на одговорното и совесно учество во сообраќајот, унапредување на сообраќајната култура и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви на патиштата, под мотото: „Заедно, со одговорно однесување во сообраќајот, да придонесеме за патишта без жртви!“
Во рамки на активноста, на граѓаните им беа поделени едукативни материјали – летоци со превентивни пораки и апел за одговорно учество во сообраќајот, со посебен акцент на почитувањето на сообраќајните правила и прописи и грижата за сопствената и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Дополнително, беше упатен потсетник дека од 15 ноември започнува законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, како и апел до возачите за прилагодување на брзината и начинот на управување со возилото согласно временските услови и состојбата на патиштата.


