Османи: Џамбаски претера, искажува територијални претензии и говор на омраза

Сподели

 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе прати официјална протестна нота до Бугарија, поради последната изјава на европратеникот Ангел Џамбаски кој упати навреди на адреса на премиерот Димитар Ковачевски и изрази отворени територијални претензии.

-Иако се обидувавме да го игнорираме, овојпат ги надмина сите граници на провоцирање. Според сите меѓународни и билатерални договори  има основа да се реагира  до бугарската држава, бидејќи искажува територијални претензии и навредлив говор, најави шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-Секоја моја изјава од функција на министер за надворешни работи е официјална изјава на МНР. Така што и мојата реакција кон Ангел Димитров е официјална реакција на МНР, а со тоа и на државата бидејќи јас ја претставувам државата. Така што, сметајте го тоа како официјална реакција на МНР, но кое што треба да видиме како ќе се рефлектира понатаму. Доколку продолжат негативни трендови ќе има и други комуникации, потенцира Османи.

Повод за оваа изјава е реакција на европратеникот Џамбаски кој му порача на македонскиот премиер дека македонската влада не решава ништо во врска со ЕУ.

– Ние Бугарите сме дел од Европската унија, а вие србоманите не сте. Ние Бугарите сме од оние што решаваат каде сте вие. Кои сте вие, решаваме ние, не вие Димитар или Белград. Вие не решавате ништо. Вакви какви што сте, ќе може да направите сојуз со Северна Кореја – изјави Џамбаски.