Кампањата „Сложувалка“ има за цел да охрабрува, поддржува и поттикнува

Сподели

 

Министерството за труд и социјална политика заедно со канцелариите на УНФПА во РС Македонија со поддршката на Британската Амбасада ја започнаа кампањата „Сложувалка“ во пресрет на 16 денови активизам за борба против насилството врз жените.

 

 

На официјалниот настан кој се одржа во Македонска Опера и Балет се обратија Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и шефицата на канцеларијата на УНФПА во РС Македонија, Афродита Шаља.

Од страната на канцеларијата на УНФПА шефицата на канцеларијата Афродита Шаља ја објасни целта на овој мандат на оваа агенција на Обединетите Нации.

 

„Ставањето на крај на родово базираното насилство и унапредувањето на родовата еднаквост, преку пристап до сексуално и репродуктивно здравје и права, право на безбедност и живот без насилство, подобрено образование, соодветни политики на работното место, ќе резултира со поздрави семејства, посилни економии и поотпорни општества. Ова е во сржта на мандатот на УНФПА и посветено продолжуваме да работиме со партнерите се до целосно остварување на овие цели“ рече Шаља.

Обраќањата ги затвори министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска со охрабрувачки говор кон секоја жена која била жртва на било каков вид на насилство.

 

 

„Верувам дека секоја од вас го почувствувала гневот  во себе за неможноста да ја заштити другарката, колешката од насилникот, но и од немоќта да ја убеди да го напушти насилството токму во мигот на доверување, на слабост и на солзи. Затоа горда сум што ќе кажам дека не говориме само овие денови за борба со насилството врз жените и девојките, ниту јас, ниту моите колеги од Владата. Говориме цела оваа година која изминува. Оваа година ги охрабрувавме жените да бидат „Гласни и Храбри “ зошто тоа како општество ни треба, да „Остават траг“ зошто се моќни и единствени, и да се охрабрат, да исчекорат и да станат цврст дел од нашата заедничка „Сложувалка“ во која сите сме еднаков дел, цврст, храбар, силен и нераскинливо поврзан со другите“ изјави Тренчевска.
Таа го заврши својот говор со повик на сите чинители во општеството да бидат дел од сложувалката, да охрабруваат, поддржат и да го пријават насилството. Повика на заедничка борба за осветлување на мракот од насилството за сите жени деца и за сите девојки кои живеат во сенката на молкот и стравот и за оние жени кои во оваа борба ги изгубија своите животи.