Кандидати за ад хок телото за медиуми, сепак, има

Сподели

 

Наспроти дилемата дали и кој ќе се пријави на јавниот повик на СДСМ за членови на ад хок телото за надзор на медиумите во предизборниот период, сепак, има кандидати за оваа тримесечна функција, дознава Мета . Рокот за пријавување истекува денеска на полноќ.

Не е познато на кој начин од ВМРО-ДПМНЕ ќе одберат и ќе предложат кандидати за ова тело, чии надлежности се договорени при последната рунда разговори на политичките партии.

„Мета“ дознава дека во потесниот круг на членови ќе влезат и кандидати кои не се пријавиле сами туку за кои СДСМ смета дека би биле „соодветни“. Според последните информации, раководството на партијата утре ќе го стеснува изборот.

Инаку, договорот предвидува ад хок телото да работи во рамките на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Најголемата казна за медиумите во периодот пред изборите ќе изнесува 4.000 евра.

Ад хок телото, кое ќе работи до крајот на предвремените избори, треба да има пет члена.

Секоја од четирите партии предлага свој претставник, а потоа тие со консензус треба да го изберат петтиот член. Според договорот, еден член од ова тело задолжително треба да биде Албанец.

СДСМ јавно ги повика сите професионалци во сферата на медиумите и граѓанските организации, поединци и здруженија, самите да се кандидираат или да кандидираат некој друг за кого сметаат дека е соодветен да ја извршува функцијата во телото за надзор на медиумите.

Со истиот повик беше побарано да се кандидираат луѓе и за челното место на информативната програма на МТВ. Засега нема информации колку и кои членови се пријавени за оваа функција.

Од ЗНМ веднаш излегоа со став дека нема да учествуваат во ова ад хок тело, чиј краен рок за формирање е 19 август.