Колку сме финансиски (не)писмени – Александар Каратошо

Сподели

 

Сведоци сме на постојаниот пад на квалитетот на македонскиот образовен систем, а тоа се докажува и преку интернационални тестирања како ПИСА, каде се воочува дека сме далеку под просекот, односно на самото дно во Европа, пишува Александар Каратошо за Республика.

Првите форми на модерниот образовен систем се појавиле на почетокот од 19 век во Кралството Прусија, под силно влијание на контроверзниот филозоф Јохан Фихте. По поразот од Наполеон, тој објавил повеќе говори во кои тврди дека лошото образование е една од главните причини за лошиот исход и застапува нов модел кој ќе ја замени слободната волја со колективизам и ќе создаде послушност кон авторитет, односно власта.

Со ова, покрај градењето на дисциплина која верувал дека е неопходна на бојното поле, би се едуцирало и голем дел од населението потребно за индустријата во тој период. Во 1840 година, Хорас Манн при посета на Европа бил импресиониран од прусискиот образовен систем и го презел во САД, каде првиот унифициран модел се појавува во 1892 година, кога бил креиран таканаречен Совет на десетмина, составен од група на истакнати академици, чии главни заклучоци го создаваат универзалното јавно образование кое е сѐ уште прифатено во многу сличен формат до ден денес.

Иако во тој период овој концепт имал огромен придонес во развојот на општеството со оглед на големата неопходност од војска и индустриски работници, денес живееме во сосема поинакво општество кое нема идентични потреби. Брзо чекориме низ транзицијата од тешка индустрија кон технологија и секаков вид на иновации, а притоа има константен пораст на употребата на роботи и вештачка интелигенција во сите сфери.

Ерозија на современиот образовен систем

Од друга страна, застареноста на образовниот модел, кој не бил темелно реформиран во последните 130 години, произведува генерации кои се неспособни да се справат со предизвиците на 21 век, главно поради тоа што се стекнуваат со несоодветно знаење за работниот пазар и современото општество и имаат недостаток на меки вештини како тимска работа, ефективна комуникација и критичко размислување, а низ целиот процес учениците ја губат и креативноста.

Во поглед на национално ниво, сведоци сме на постојаниот пад на квалитетот на македонскиот образовен систем, а тоа се докажува и преку интернационални тестирања како ПИСА, каде се воочува дека сме далеку под просекот, односно на самото дно во Европа, но и преку намалувањето на оцените на сите високообразовни институции по најновото рангирање на Вебометрикс.

Ова јасно докажува дека сите образовни реформи не донеле никаква придобивка, туку напротив само придонеле за ерозија на целиот систем од најниско до највисоко ниво. Еден таков пример се последните реформи во основното образование каде фокусот на јавноста беше насочен кон дигитализација на учебниците, кое само по себе не претставува сериозна промена затоа што употребата на истите книги во различна форма нема да ги поправи овие поразителни резултати. Уште поголем проблем е тоа што денешното формално образование скоро воопшто не опфаќа менаџмент на лични финансии, кој е секојдневно присутен во сечиј живот и е клучна вештина за правилно раководење со средствата на секоја индивидуа, фамилија или група.

Доколку има сомнеж дали и зошто има потреба од овој предмет во школите, доволно е да се види дистрибуцијата на светското богатство и сè би било појасно. Имено во 2021 година, 1,1% од населението поседувало скоро 46% од вкупното богатство на светот, во споредба со мнозинството (55%) од популацијата кое имало сопственост само на 1,3% од богатството. Според анализа на House of Commons, се очекува оваа разлика значително да се зголеми до 2030 година, кога 1% од луѓето би поседувале околу 2/3 од целото светско богатство, а со економските последици од пандемијата тоа може да се очекува многу порано.

Иако се забележува тренд на зголемување на богатството на глобално ниво, високата класа станува забрзано побогата, за што причина е и недостатокот од финансиска писменост на средната и особено на ниската класа. Одличен пример за тоа се добитниците на милионски суми на лотарија во САД, кои имаат поголема веројатност да прогласат банкрот во рок од 3 до 5 години по добивката од просечниот Американец.

Финансиска едукација за финансиска независност

Изворpixabay.com

 

Кога ќе се спомене овој проблем во јавноста, многу политичари користат популистички пристап, односно ги обвинуваат најбогатите за растечката разлика за што скоро секогаш предложеното решение е поголемо оданочување, за народот да „добие повеќе”. Треба да е јасно дека зголемено оданочување на највисоката класа може да ја збогати државата и општеството само доколку не владее корупција и правилно се искористат средствата, ама директно нема да промени ништо значително кај просечниот граѓанин.

Како уште едно популарно решение се споменува и зголемувањето на платите, особено кревањето на минималната граница, кое доколку се одвива плански би можело да придонесе за постепено подобрување на квалитетот на живот и зголемување на потрошувачката моќ, но всушност постои мала корелација меѓу поголемите приходи и зголемувањето на богатството. Ова подразбира дека дури и при дополнителен доход не може да се гарантира финансиска самостојност без претходно да се има финансиска писменост.

Би можело да се спомене и малото познавање на популацијата за разорното дејство на инфлацијата и финансиските кризи за да можат да ги предвидат и препознаат, со цел да се обидат да ги избегнат или барем ублажат нивните последици.

Ситуацијата во македонското општество е значително полоша од остатокот на западниот свет поради тоа што беа отежнати сите можности за инвестирање на меѓународниот пазар се до минатогодишните промени исклучиво за хартии од вредност, а сè уште не се регулирани и крипто валутите иако тоа е најавено уште во 2020 година.

Дополнително, фриленсерите и дигиталните номади се оставени сами на себе за разлика од други држави кои воведоа многу бенефиции и стимулативни мерки за да ги привлечат овие категории. Покрај тоа што држава како Македонија треба максимално да се обиде да ги поддржи поради економскиот интерес, дали преку влевање на странски пари од хонорари или преку визи и животни трошоци на дигиталните номади, таа е најпрво задолжена да го адресира ова прашање поради своите граѓани со оглед на тоа што Македонците биле меѓу првите по бројот на фриленсери по глава на жител на светско ниво.

Од друга страна, како еден од најголемите проблеми претставува огромната застапеност на обложувалници, казина и брзи кредити кои одземаат значителен износ од домашниот буџет, особено од најсиромашните граѓани, кои доколку би ги инвестирале овие средства ситуацијата би била сосема поразлична.

Со оглед на тоа што постои одредена обука или едукација за било која работа или професија, не е разбирливо зошто нема предмет за изучување на една од клучните животни вештини за секој граѓанин, која директно влијае на квалитетот на живот, но и севкупната економска состојба на државата.

Исто како што е апсурдно да се очекува младите луѓе да бидат полноправни граѓани и да ги сносат сите права и одговорности само преку биолошко стареење и достигнување одредена возраст, така се очекува сосема природно да имаат познавање за финансии и нивното раководење, без никакво претходно образование или обука. Воведување на задолжителен предмет бизнис и претприемништво во македонскиот образовен систем беше добар чекор напред, но треба да се посвети многу повеќе внимание на менаџирање на лични финансии на просечниот граѓанин и практични вештини, затоа што секако не би можеле или сакале сите да отворат свој бизнис и да бидат претприемачи.

Важна е и заложбата на неколку организации и институции да придонесат на оваа тема, но сепак овие програми се познати на многу мала група граѓани и немаат доволно голем опсег и импакт за тема која е од интерес за секоја индивидуа.

Како изгледа идеалниот образовен систем

Идеалниот образовен модел на иднината треба да опфати повеќе вештини потребни за предизвиците на 21 век, еден сеопфатен пример е Six Cs моделот (character, citizenship, collaboration, communication, creativity, critical thinking), кој цели да креира прогресивни генерации кои критички ќе размислуваат и ќе го погледнат светот низ различна перспектива, притоа подготвени да влезат на работниот пазар со вештини кои наместо залудно да се натпреваруваат со брзиот технолошки напредок ќе може да се надоградуваат.

Сведоци сме дека планетата станува едно глобално село поради сè поголемиот број на онлајн работни места, со што местоположбата станува сè помала пречка и доаѓа до рушење на границите за напредок. Покрај толку многу ресурси на интернетот, големиот број на можности кои ги нуди глобализацијата и особено принудната дигитализација поради КОВИД-19, сиромаштијата во иднина ќе станува сè повеќе свесен или несвесен избор отколку несреќна околност.

Цврсто сум убеден дека општествениот поаѓа од колективниот напредок на целата популација и доколку порано тоа се темелело на стекнување независност и добивање на права од одреден автократски систем или религија, денес индивидуата може да биде слободна само доколку се стекне со финансиска независност.