Конгресот на УЕФА ја одобри предложената програма за реформи

Сподели

Предложените реформи за подобро управување и подобрување на транспарентноста на Европската фудбалска федерација (УЕФА) беа одобрени од страна на 55 национални асоцијации, јавува Anadolu Agency (AA).

Предложената програма за реформи ја доби целосната поддршка од сите членови на УЕФА на редовниот 41. Конгрес на европската куќа на фудбалот, кој се одржува во Хелсинки.

Реформите беа клучен елемент на манифестот на Александар Чеферин, сегашниот претседател на УЕФА, пред да биде избран за челник на оваа организација во септември минатата година, а во февруари добија поддршка од Извршниот одбор.

„Овие промени се од суштинско значење ако сакаме да го вратиме нашиот имиџ, кредибилитет и да го зајакнеме нашиот легитимитет. Ова е неопходен чекор за да бидеме спокојни и стабилни“, рече Чеферин за време на својот говор во Хелсинки.

Некои од клучните точки на реформите што добија поддршка се: ограничување на мандатот за претседател на УЕФА и на членовите на Извршниот комитет, кои можат да ги вршат функциите најмногу во три мандата на секои четири години; кандидатите за избор на Извршниот комитет мораат да имаат активна улога во своите национални органи; давање на две места во Извршниот одбор на претставниците на Здружението на европските клубови.

Сите одобрени реформи ќе бидат вклучени во Статутот на УЕФА.