Ковачевски и владин тим во официјална посета на Софија

Сподели

 

Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски денеска заминува во официјална посета на Софија каде што утре ќе се одржи заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија.

Премиерот Ковачевски и владината делегација ќе бидат официјално пречекани од бугарскиот премиер Кирил Петков, попладне во 16 часот на плоштадот „Св. Александар Невски“. Двајцата премиери ќе положат венци пред Споменикот на непознатиот војник.

Предвидено е да бидат потпишани неколку билатерални документи, по што двајцата премиери ќе одржат прес-конференција.

Преку состаноците на работните групи треба да се приближат позициите во повеќе сфери, да се фокусираат на она што е практично остварливо во моментот, а со тоа да се отвори пат и за пронаоѓање решенија за потешките прашања и конечно надминување на спорот и одблокирање на почетокот на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и Европската Унија.

Двете влади формираа четири работни групи. Владата на Северна Македонија ги формира групите за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование, додека во соопштението на бугарската Влада е наведено дека се формирани групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европската соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација и владеење на правото и за културата, науката и образованието и младите.

Петтата е историската, но двете влади не формираа засебна работна група, а според она што го кажаа Ковачевски и Петков на прес-конференцијата во Скопје, оваа област ја покрива Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но не прецизираа дали ќе остане да работи во сегашниот формат.

На заедничката прес-конференција во Скопје за време на посетата на Петков, Ковачевски нагласи дека историската комисија веќе има свој план за работа и врз основа на тоа што го имаат сработено и историчарите кои се членови на таа комисија ќе треба да информираат за тоа што го договориле.

Според она што го најавија двајцата премиери во претстојниот период и преку состаноците на овие работни групи историјата ќе биде ставена во втор план, фокусот ќе биде на градење на добрите односи  меѓу граѓаните на Северна Македонија и Бугарија, зајакнување на соработката во повеќе сектори, како и на добрососедство мерливо според постигнати цели и резултати. Најавена е динамична работа на работните групи, секоја недела една од групите да има состанок. Приближувањето ќе се спроведува прагматично, најпрво онаму каде што нема препреки, а веќе како прв проект е најавено воведувањето на директната авиолинија Скопје-Софија, што како што рече Петков во Скопје би се реализирал за два месеца.

МИА