Вести Македонија Ударни вести

Јавно промовирање и поддржување на сексуално насилство и насилство врз жени е неприфатливо

Сподели:

 

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски за случајот со новинарот Драган Павловиќ Латас рече дека е вознемирен и згрозен од јавното промовирање на сексуалното насилство и дискриминација.

„За овој случај, овде од собраниската говорница, пред сѐ сакам да зборувам како граѓанин, како човек, како татко, а потоа како премиер. Слушнав за ова пред неколку дена и оттогаш до денес кога и да помислам на случајот, навистина се вознемирувам и се чувствувам гневно. Ова однесување, не само што е срамно за мажите, и тоа не само тука, туку и во светот, ова е срамно за сите луѓе, секое едно човечко битие. Јавното промовирање и поддржување на сексуалното насилство и сексуалната злоупотреба е целосно неприфатливо! Не смееме да толерираме вакво понижувачко, омаловажувачко, деградирачко третирање на жената. Секое вакво однесување, мора да биде јавно осудено и да  испрати јасна порака дека насилството врз жените е неприфатливо. Загрижувачки е што не само што слушавме за чин на сексуално насилство, туку и што бевме сведоци како соговорниците радосно и без грам грижа на совест и свесност колку штета нанесуваат, се смеат и ликуваат додека дискутираат.

И комплетно беше на место силната јавна осуда. Но воедно, сметам дека тоа не е доволно. Затоа ги повикувам институции кои за волја на вистината реагираа во рамките на своите надлежности да го истераат овој случај до крај. Да покажат дека сепак во Северна Македонија имаме владеење на правото.

Воедно, го повикувам Здружението на новинари, да се оградат од колегите кои шират ксенофобија и дискриминација, бидејќи такви луѓе не се достојни да пишуваат и да зборуваат пред јавноста.

Исто така, ги повикувам ВМРО-ДПМНЕ, го повикувам г-дин Мицковски да ја најде и да ја искине партиската книшка на секој еден нивни член кој самоиницијативно решава да шири наратив, со кој сега генерации млади деца ќе мислат дека е во ред да се зборува на тој начин за сексуално насилство и да се однесуваат мизогино и дискриминаторски. И фактот што тој не го стори тоа до сега мене лично ме ужаснува, ама не сакам да го претворам ова прашање во политичко прашање.

Слободата на говорот во РС Македонија е загарантирана со Устав, но тоа истовремено не значи и дека секој може да ги гази човековите права, да шири омраза, мизогинија, ксенофобични и дискриминаторски идеи. Слободата на говор истовремено подразбира одговорност и постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество. Кога слободата на говор се претвора или провоцира криминални дејствија или каков било тип на нарушување на граѓанските и човекови права, тогаш тоа не е слобода туку е агресија и така треба да се третира.

Можеби некои од вас ќе мислат дека работите што ги кажав сега се пресилни. Но, да ве потсетам дека дома имам 17-годишна ќерка, и најголемиот дел од моите пријатели и познаници од мојата генерација имаат ќерки на таа возраст, како и други граѓани. И се срамам и сум гневен кога слушам вакви работи. Се срамам и сум гневен што, во 21 век, во 2023 година, одредени личности со неверојатна леснотија се шегуваат за сексуално насилство. Јас сакам да ми извините, но ваквите работи навистина ме вознемируваат, и затоа доколку е можно согласно процедурите во Собранието да направиме пауза бидејќи во моментов после ова не можам да продолжам со одговарање на пратенички“.

Сподели: