Ковачевски-Пленковиќ-г.г. Стефан: Изградба на православен храм за Македонците во Загреб

Сподели

 

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, заедно со претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, во рамките на неговата официјална посета на земјава, се сретнаа со поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

На средбата, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, заедно со премиерот Ковачевски, упатија голема благодарност до хрватскиот премиер, Пленковиќ, за поддршката на хрватската Влада во изградбата на македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ во Загреб.

На средбата заеднички беше констатирано дека со изградбата на овој православен храм, прв од ваков вид, изграден на територијата на поранешна СФРЈ, се остварени децениските желби на македонското национално малцинство за свој верски дом во Хрватска.

 

 

Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и премиерот Ковачевски истакнаа дека неизмерно го ценат потегот на градот Загреб, којшто додели земјиште за да се реализира изградбата на црквата, како и за донациите на Загреб и Сплит и донациите на нашите државјани, Македонци во Хрватска, кои ја помогнаа изградбата на овој православен храм во Загреб.

Премиерот Ковачевски потенцира дека со изградбата на православниот храм за потребите на македонското малцинство, хрватскиот народ го негува мултикултурниот дух и почитувањето на правата на различните малцинства кои живеат во Хрватска. При тоа, беше истакнато и дека нема отворени прашања меѓу Католичката црква и МПЦ-ОА, којашто е во канонско единство со сите останати православни цркви.

На средбата, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и премиерот Ковачевски, на премиерот Пленковиќ и хрватскиот народ им упатија честитки во пресрет на претстојниот христијански празник-Велигден, кој припадниците на католичката вероисповест го прославуваат неделава.