Вести Македонија Ударни вести

Кривични пријави за тројца вработени од Агенцијата за филм

Сподели:

Управата за финансиска полиција на Р. Македонија во соопштение до јавноста, објави дека се поднесени кривични пријави против три лица, двајца поранешни директори на Агенцијата за филм и претседател на Управниот одбор на оваа институција, поради постоење на основи на сомнение дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување” по член 353 став 3 в.в. став 1 и став 5 од КЗ на РМ.

Во соопштението стои: Д.Б. – Директор на Агенцијата за филм на Република Македонија во период од 25.12.2008 до 03.11.2015 година, М.Ѓ.И. – Директор на Агенцијата за филм на Р. Македонија во период од 03.11.2015 до 03.08.2017 година, и Д.Д. – Претседател на Управен одбор на Агенција за филм на Р. Македонија, се сомничат дека ја злоупотребиле службената положба.

„Лицата Д.Б. и М.Ѓ.И. во својство на Директори на Агенцијата за филм на Република Македонија, спротивно на член 32 став 1 од Законот за филмска дејност (каде предвидено е Директорот на Агенцијата, член на Советот, рецензентите, советниците и другите надворешни соработници, претседател и членовите на Управен одбор и вработен во Агенцијата, заради судир на интереси да не може да учествуваат на конкурс на Агенцијата, ниту да учествуваат во реализацијата на проект кој добил средства од Агенцијата), во период од 2008 до 2016 година, со неизвршување на својата службена должност на начин што без должниот надзор овозможиле лицето Д.Д. – Претседател на Управен Одбор на Агенција за филм именуван од Владата на Република Македонија, истовремено да учествува и како филмски работник (Директор на фотографија и Кинематограф) во реализација на 10 филмски проекти финансирани од Агенција за филм на Република Македонија, а кои се претходно одобрени и од лицето Д.Д., при што на истиот му е овозможено да прибави корист за себе во вкупен износ од 6.580.885 денари, и тоа преку продуцентските куќи: ТД Смалл Мовес ДООЕЛ Скопје, ТД Круг Филм ДООЕЛ Скопје, ТД Партизанс ДООЕЛ Скопје, ТД Сектор Филм ДООЕЛ Скопје и ТД Фрагмент Филм ДООЕЛ Скопје.“

Во период од 8 години, кинемтографот Дејан Димевски бил ангажиран како професионалец да работи на десe филмови, но истовремено бил претседател на Управниот одбор на Агенцијата за филм, што претставува судир на интереси. Ова било овозможено и со потписот на директорите Дарко Башевски и Мими Ѓоргоска Илиевска, кои во случајов требале да имаат должен надзор.

Сподели: