Кубанските дисидентки го откажаа протестниот марш

Сподели

fifrety

Најпознатата кубанска дисидентска група „Жените во бело“ го откажа својот редовен протест низ улиците на Хавана, поради жалоста во Куба, по смрта на Фидел Кастро.

Ова е прв пат, во 13 годишната традиција на групата, таа самата да го откаже маршот.

Во нејзиното соопштение се вели дека ваквата одлука била донесена за да се „одбегнат тензии“.

– Маршот што беше предвиден за неделата се откажа за да не бидеме обвинети од власта за предизвикување провокации, изјави за странските медиуми, лидерот на групата Берта Солер.

– Ние ја почитува жалоста на другите и не ја прославуваме смртта на кој било човек, додаде Солер.

 Групата е формирана од сопругите на кубанските политички затвореници и дисиденти, со цел низ мирните протести да се изборат за нивното ослободување.

Секоја недела тие минуваат низ центарот на Хавана, облечени само во бело и носејќи во рацете по еден бел цвет, направен од хартија.

Властите го толерираа овој мирен протестен марш, иако последниве години, полицијата многу пати го блокирала марширањето на „ Жените во бело“.

Фидел Кастро умре во петокот, на 90 годишна возраст. По тој повод на Куба е прогласена девет дневна жалост.

Од денеска Кубанците ќе може да му одваат почит на долгогодишниот лидер, пред урната со неговиот пепел, пред да биде префрлена во Сантјаго де Куба, каде Кастро ќе биде погребен на 4 декември.

Во вторник, на Плоштадот на револуцијата во Хавана, каде Кастро во една прилика држеше говор, зборувајќи без прекин седум часови, ќе се одржи масовна комеморација.