„Колективен сега!“ – Културните работници на марш, бараат колективен Договор

Сподели

 

Уметниците, културните работници, административните службеници и помошно-техничкиот персонал во културните институции денеска излегоа на протестен марш во организација на Синдикатот на култура – СКРМ.

Тие излегоа со барање, со Буџетот за 2020 година да се обезбедат пари за спроведување на колективен договор со којшто би се регулирале платите и надоместоците од плата на вработените во културата. Ако владата и парламентот не одговарат на нивните барања, најавија дека ќе ја активираат веќе донесената одлука за генерален штрајк.

 

 

„Минаа 15 години од последниот потпишан, и никогаш неспроведен колективен договор во културата. 15 години без уредени плати, без правична валоризација на трудот, без додатоци на плати, без теренски и службени дневници, без посебни услови за заштита при работа, без дефинирани услови за работа во посебни околности. Четиринаесет години без достоинствени плати за сите вработени во културата. Со овој марш ќе покажеме дека не сакаме повеќе изговори, префрлања и одговорност на други. Не сакаме ветувања, не сакаме да изгубиме уште една година без решенија на нашите проблеми“ – изјави Сања Арсовска – претседателка на Синдикатот на култура.

 

 

Министерството за култура испрати сооштение во кое се вели дека дека ги поддржува вработените кои протестираа.

“Министерството за култура ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и посветено, заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК подолго од една година работи на подготвување на нормативните услови за донесување на модерни законски акти кои во што пократок временски период ќе овозможат остварувања на барањата на синдикалните организации” – се вели во соопштението.