Вести Македонија Ударни вести

Лажна наградна игра на Лидл маркетите: Се прибираат лични податоци на граѓаните

Сподели:

 

За наводната наградна игра да изгледа поверодостојно, креирана е фан страница каде што е злоупотребено името и логото на Лидл. Оваа лажна страница не е официјална страница на Лидл на Фејсбук, иако носи исто име. Лидл сè уште нема отворено продавница во С. Македонија, па оттаму не ни може да организира наградни игри, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Пост на Фејсбук (во меѓувреме избришан) преку невистинит текст и ветување за доделување бесплатни ваучери од Лидл маркетите, врши дезинформирање на корисниците на социјалната мрежа и нивно манипулирање, со цел да прибере нивни податоци.

Во објавата се вели:

Денес имаме игра за вас. На 500 избрани луѓе им подаруваме бесплатни ваучери за купување и други подароци. Изберете го вашиот месец на раѓање и ќе добиете подарок според вашиот месец на раѓање. направете го тоа со самодоверба. Секако. Не го сфаќајте лесно. Можеби ти е редот. Вашето време започнува сега.

Објавата за оваа наводна наградна игра е лажна и истата е доста вирална, односно има 369 споделувања, над 1.000 коментари и 283 допаѓања во моментот на пишувањето на оваа рецензија. За наводната наградна игра да изгледа поверодостојно, креирана е фан страница каде што е злоупотребено името и логото на Лидл. Оваа лажна страница не е официјална страница на Лидл на Фејсбук, иако носи исто име.

Постот користи и фотографии од Лидл маркетите, лажејќи ги корисниците на Фејсбук дека ќе добијат ваучери за бесплатно купување производи. Во коментарите под постот, корисниците го пишуваат својот месец на раѓање, а неименуваниот администратор на лажната Фејсбук страница, под секој коментар остава дополнителни инструкции:

Кликнете на копчето „Регистрирај се“ на почетната страница за да ги пополните вашите податоци.

Лидл сè уште нема отворено продавница во Македонија, иако вакви најави има уште од февруари 2021 година. Германскиот трговски синџир „Лидл“ ја регистрираше својата компанија во Македонија лани во февруари, која ќе биде управувана од бугарската филијала. Една од најголемите компании во малопродажбата во светот ја регистрираше подружницата Лидл Северна Македонија Дооел со седиште во скопски Центар и со паричен влог од 500.000 евра, објави тогаш Централниот регистар.

По ова, имаше најави дека Лидл ќе отвори продавница во Штип, па потоа се зборуваше дека ќе отвори во Охрид и во Ист Гејт Мол, но досега такво нешто не е реализирано. Како што објави Вработување.мк, Македонија не е на листата на земји во кои се планира до крајот на 2022 година да се отвори продавница на синџирот маркети Лидл.

На Фејсбук може да се најдат официјални страници на Лидл Бугарија, Лидл Хрватска, Лидл Грција, Лидл Србија, но нема официјална страница на Лидл Македонија.

Имајќи предвид дека Лидл сè уште нема отворено продавница во Македонија, не може да доделува ваучери за пазарување. Лидл нема ниту официјална Фејсбук страница во земјава каде што би се нашла таква објава. Објавата за наводна наградна игра постои само на оваа сомнителна фан страница која е регистрирана неодамна.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека постот кој го рецензираме е невистинит. Станува збор за лажна и невистинита наградна игра во која се злоупотребени брендот, логото и името на Лидл со цел да се соберат лични податоци од корисниците на Фејсбук.

Сподели: