ЛДП: Договорот има нелогичности, загрижуваат „опстанокот“ на СЈО и реформите во медиумите

Сподели

ldp1

Либерално-демократската партија (ЛДП) е загрижена од недореченостите и од нелогичностите во новиот договор што вчера го постигнаа преговарачите на четирите политички партии, потписнички на Договорот од Пржино.

Оттаму велат дека особено загрижува делот од договорот за функционирањето или „опстанокот“ на Специјалното јавно обвинителство и за реформите во медиумите.

„Изненадува фактот што со договорот не е предвидено формирање на специјално одделение во рамките на Кривичниот суд, за да се овозможи непречена работа на СЈО. Евентуалното укинување на СЈО и повторното формирање отвора можност и за кадровски промени. Сметаме дека суштината на овој договор мора да биде владењето на првото, процесуирање на сите предмети што СЈО ги отвори во изминатите месеци, судска завршница, односно одговорност за сите оние политичари што ги прекршиле законите и работеле на штета на граѓаните на Република Македонија“, стои во соопштението од ЛДП.

За партијата, се додава во соопштението, нелогични се и решенијата за регулација на медиумите, особено делот каде се посочува дека четирите партии се обврзуваат да спроведат медиумска легислатива во согласност со реформските приоритети и со извештајот на Прибе во рок од шест месеци по изборите.

„ЛДП континуирано инсистира на споведување на препораките од извештајот на Прибе, сега, а не по изборите, кога и да се одржат тие. Регулацијата на медиумите не трпи веќе ад хок решенија, туку системски промени, кои нема да подлежат на манипулацијата на која било власт или политичка партија. Во еден ваков моментум, повторно повикуваме на создавање на широк опозициски фронт од сите демократски сили, без разлика на нивната политичка, идеолошка или верска определба. Македонија мора да добие одговорна влада на веродостојни избори. Со тоа конечно ќе се затвори едно темно поглавје од поновата македонска историја“, велат од ЛДП.

meta.mk