Пендаровски на средба со командантот на Косовските безбедносни сили Рахман Рама

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими командантот на Косовските безбедносни сили, генерал потполковник Рахман Рама.

 

 

На средбата беа разменети мислења за билатералната одбранбена соработка меѓу Северна Македонија и Косово, и беше реафирмиран интересот за нејзино зајакнување, унапредување, како и за меѓусебна поддршка во развојот на севкупните капацитети.

Потенцирајќи дека членството на Северна Македонија во НАТО ќе влијае позитивно врз стабилноста и просперитетот на целиот регион, претседателот Пендаровски ја изрази подготвеноста на нашата држава за споделување на своите искуства со земјите од Западен Балкан чиишто аспирации се интеграција во Алијансата. Во таа насока, тој рече дека добрососедските односи и соработка се клучен фактор во обезбедувањето на трајна стабилност и безбедност во регионот.

Двајцата соговорници ја истакнаа важноста на соработката и размената на искуствата меѓу двете армии во областа на образованието и обуката. Во тој контекст претседателот Пендаровски ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија за натамошно школување на питомци од Косово на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, во Скопје, како и за користење на нашите капацитети и полигони за воени вежби, за потребите на Косовските безбедносни сили.