Левица со поддршка за утрешниот работнички протест

Сподели:

Левица ја изразува својата целосна поддршка за утрешниот работнички протест. Во услови на континуиран раст на цените на храната, енергенсите и основните животни трошоци, барањето за зголемување на минималната плата не е политички каприц, туку елементарно прашање на опстанок за десетици илјади работници и нивните семејства.

Според податоците на Управата за јавни приходи, околу 160.000 работници во Македонија живеат со плати под прагот на сиромаштијата. Во исто време, синдикалната минимална кошничка постојано расте и веќе надминува износ што е недостижен за огромен дел од работниците. Само во последните два месеци, според пресметките на ССМ, минималната кошничка се зголемила за околу 2.000 денари, што јасно покажува колку брзо се влошува животниот стандард, реагираат од Левица.

Во такви услови, предлогот минималната плата да се зголеми за само 1.667 денари претставува навреда за работниците. Тоа е цинично потценување на трудот на луѓето кои ја создаваат вредноста во оваа држава. Додека Владата на ДПМНЕ зборува за економски раст и стабилност, реалноста за огромен број работници е поинаква – плати што не ги покриваат ниту основните трошоци за живот.

Македонија со години останува меѓу земјите со најниски плати во Европа, додека цените на основните производи се приближуваат до европските. Во таков систем, товарот од кризите, инфлацијата, енергетските шокови и растот на цените – секогаш паѓа врз работниците, додека профитите на големите компании остануваат заштитени.

Левица одамна предупредува дека ваквиот економски модел е длабоко неправеден. Државата не смее да функционира како сервис на големиот капитал, додека работниците се туркаат кон сиромаштија. Затоа барањата за зголемување на минималната плата и раст на останатите работнички примања се легитимни и оправдани.

Во таа насока, Левица ги повикува сите работници, синдикати и граѓани масовно да го поддржат утрешниот протест. Работничките права никогаш не биле подарени од власта – тие секогаш биле изборени преку солидарност, притисок и колективна борба.

Левица останува на страната на работниците и ќе продолжи да се бори за економски политики што ќе ја стават работничката класа во центарот на државните приоритети, наместо политиките на ниски плати, евтина работна сила и профити за мал број привилегирани.

Сподели: