Левица: Власта не гласаше за предлогот за Денови на жалост

Сподели

На собраниската седница, владејачкото мнозинство повторно не ја надмина својата партиска суета и не гласаше за Предлог-законот на Левица за денови на жалост. Бидејќи во Македонија никако не е регулиран медиумскиот простор при денови на жалост, пратеничката група на Левица поднесе законско решение за регулирана медиумска програма без забавни и политички содржини за време на деновите на жалост, како и за воведување едноминутно молчење и санкции за недолично однесување.

Пратеникот Амар МЕЦИНОВИЌ од Левица, образложувајќи го предлогот, истакна дека „тагата не смее да биде дел од политички наратив“ и дека со законот се бараат јасни и унифицирани критериуми за прогласување денови на жалост, кои не би зависеле исклучиво од одлуката на Владата.

Во предлогот стои дека целта на законот е обезбедување на правна основа за правилно одбележување на деновите на жалост на национално и локално ниво, преку организирано, унифицирано и достоинствено одбележување на трагични настани кои влијаат на националната и колективна меморија на државата, преку достоинствено оддавање почит кон настраданите и нивните блиски, како и поттикнување на човечноста, солидарноста и на националното единство.

Жално е што дури и при една катарза кое му се случи на македонското општество, власта предводена од ДПМНЕ не гласаше за конструктивно законско решение, кое треба да го пополни правниот вакум каде Македонија е ретка држава која нема Закон за денови на жалост, реагираат од Левица на фб.