ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2017: Денеска граѓаните избираат градоначалници и советници

Сподели

Граѓаните на Македонија денеска на шестите локални избори ги избираат градоначалниците и општинските советници на своите општини. Гласањето започна во 7 часот утринава и ќе трае до 19 часот. Локалните избори ќе се спроведат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје, а право на глас на имаат 1.814.644 гласачи.

На изборите учествуваат кандидати за градоначалници и за советници од 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи. Пријавени се 260 кандидати за градоначалници и 6.627 кандидати за членови на советници на 327 листи.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, односно на 29 октомври.
Секој избирач добива две гласачки ливчиња. Едно за избор на членови на Совет и уште едно за избор на градоначалник.

Избирачите во Скопје, пак, ќе добијат четири гласачки ливчиња. Тие ќе избираат членови на Совет на Општината во која живеат, градоначалник на Општината, а ќе добијат и ливчиња за избор на членови на Совет на Скопје и за избор на градоначалник на Скопје.

На гласачкото место секој избирач треба да дојде со важечки документи за идентификација, односно лична карта или пасош. Следи проверка со УВ ламба, а потоа проверка и потпишување во изводот од Избирачкиот список. Гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички распоред, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот. Гласањето се врши тајно, зад параван, а пред избирачот да отиде зад параванот член на избирачкиот одбор го прска со спреј по десниот палец.

За важечко ливче, избирачот треба да го заокружи редниот број пред името и презимето на кандидатот за градоначалник, а за членови на Совет треба да го заокружи редниот број пред подносителот на листата за која се определил.

Преклопеното гласачко ливче избирачот е должен да го става во соодветно обележаната кутија за гласање.
За следење на претстојните локални избори во Државната изборна комисија досега се акредитирани 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи. И овие избори најмногу набљудувачи се од невладината МОСТ. Изборите ќе ги следат со повеќе од 2500 набљудувачи.

Покрај Мост од домашните набљудувачи се и Здружението на граѓани „Синергија“ –од Штип со 1.829 набљудувачи, Цивил – Центар за слобода 191, Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид – Скопје 125, Центарот за разбирање и институционална соработка Скопје – ЦРИС Скопје 17 и Македонскиот центар за култура и развој шест набљудувачи.

Од странските, најголем број набљудувачи има Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР 198, потоа Амбасадата на САД во Македонија 33, Делегацијата на ЕУ 23, Меѓународниот студиски центар за избори (IESC) 18…
Набљудувачи имаат акредитирано и Канцеларијата на НАТО во Скопје и амбасадите на Руската Федерација, Албанија, Австрија, Франција Велика Британија, Шведска, Унгарија, Кралството Холандија, Италија и Словачка во Македонија.