Вести Македонија

ЛП: Власта сака да го „дисциплинира“ Економскиот факултет

Сподели:

LP-novo-logo

Либералната партија оценува дека целта на акцијата на МВР на Економскиот факултет е да се „дисциплинира“ оваа институција која може да обезбеди кредибилни вештачења за потребите на истрагите на Специјалното јавно обвинителство.

„Либералната партија изразува сомневање во мотивите на полициската акција на Економскиот факултет во Скопје.
Либералната партија оценува дека целта на акцијата е пасивизирање и „дисциплинирање“ на вистинската институција што може да обезбеди кредибилни вештачења и проценки за текот на финансиските средства од интерес на Специјалното јавно обвинителство“, стои во соопштението на ЛП во врска со заклучоците од 46. седница на Извршниот комитет на партијата.

На седницата Извршниот комитет биле дефинирани и барањата од страна на партијата, поврзани со актуелните политички процеси.

Оттаму бараат Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство како гаранција за неговата работа во иднина, потоа формирање на преодна влада, која според ЛП треба да биде концентрациона, и која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори, да се формира специјално одделение во кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО и задолжително вклучување партии, надвор од „пржинската четворка“ и претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата.

Од ЛП додаваат дека остануваат на барањето за одвојување на партијата од државата.

„Граѓанските протести не смее да бидат нов 17 мај 2015 и вовед во преговори зад затворени врати и за тесно-партиски интереси. Либералната партија повторува дека „брзите“ избори се тесно-партиска калкулација и вовед во нова криза, а не решение на тековната. Било какво инсистирање на изборен датум во моментов е штетно и само оди во прилог на Никола Груевски. Либералната партија веќе предупреди дека тенденциите за преземање на граѓанското движење од партиите станаа видливи и го судираат граѓанскиот дух со тесно-партиските интереси. Според Либералната партија досегашното и идното остварување на барањата е заслуга на граѓаните, но за жал не и на партиите“, стои во соопштението на ЛП, во кое се додава дека партијата ја поддржува иницијативата на странските пријатели на Македонија во разрешувањето на кризата.

http://meta.mk/lp-vlasta-saka-da-go-distsiplinira-ekonomskiot-fakultet/

Сподели: