Вести Свет Ударни вести

Макрон: Не смееме да си заминеме по војната, мораме да ја градиме новата Сирија

Сподели:

Франција, САД и сојузниците не смеат да ја напуштат Сирија откако ќе заврши тамошната војна, туку треба да останат и да помогнат во изградбата на разрушената држава, смета францускиот претседател Емануел Макрон.

„Мораме да ја изградиме новата Сирија откако војната ќе заврши, изјави Макрон за Fox News, додавајќи оти американската улога ќе биде многу важна во овој процес.

Макрон за Fox News вели дека со шефот на Белата куќа има „посебен однос“, бидејќи двајцата се политички „нескротливи“, бидејќи „не се дел од класичниот политички систем“, а ги поврзува борбата против тероризмот и „приврзаноста кон слободата и мирот“.

Тој најави дека при посетата на САД, од Конгресот ќе побара поддршка за да се стави крај на влијанието на диктаторите и отпаднати држави.

„Ние имаме посебен однос затоа што двајцата сме веројатно тие кои се нескротливи во системите во двете држави. Мислам дека изборот на претседател на Трамп беше неочекуван во вашата земја, а веројатно и мојот избор беше неочекуван во мојата земја. А ние не сме дел од класичниот политички систем“, вели Макрон.

Fox News наведува дека главниот дел на неговата посета, со која се слави 250 години американско- француски односи, ќе биде вечерата во Белата куќа, која Трамп ќе ја приреди за Макрон. Францускиот претседател ќе биде првиот странски државник, кој ќе вечера во резиденцијата на Трамп од неговото доаѓање на власт во САД.

За време на посетата на САД, францускиот претседател Емануел Макрон ќе му подари на американскиот колега Доналд Трамп даб, симбол на силни врски меѓу двете земји, соопшти телевизијата Fox News.

Тоа е северен француски даб, за кој Макрон се надева дека ќе биде засаден во паркот на Белата куќа, како симбол на ова силно пријателство, изјави новинарот Крис Валас, кој го интервјуираше Макрон во Елисејската  палата.

Макрон од утре ќе биде во тридневна посета на САД, пренесува МИА.

Сподели: