Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Манчевски: Административците да пријават секаков вид изборен притисок

Сподели:

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ги повикува сите вработени во јавната администрација да реагираат и да пријават било каков притисок поврзан со Локалните избори и ветува дека Министерството веднаш ќе ги провери пријавите.

– До сега до Министерството не пристигнала ниту една пријава, но рано е да се кажа дали ќе има пријави, бидејќи помина само еден ден од кампањата, рече Манчевски во одговор на новинарско прашање по денешната прес-конференција во Владата на која презентираше што сработило Министерството во првите 100 дена.

Нагласи дека пред Министерството стои сериозен процес на реформи на јавната администрација базиран на нова стратегија со цел да се обезбеди одвојување на владејачката партија од државата. Во првите 100 дена, како што кажа, Министерството имплементирало и прифатило сите забелешки од СИГМА, успеало да го врати дијалогот со ЕУ за реформи во јавната администрација што бил во прекин од 2015 година, вовело флексибилно работно време и двосменско работно време за службите што издаваат документи, лиценци, дозволи.

– Со тоа се зголеми мотивацијата за работа, а се обезбеди и баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот на вработените во јавната администрација. Од друга страна им излеговме во пресрет на граѓаните и на бизнисите и им обезбедивме полесен и поефикасен начин за пристап до документите кои им се потребни за остварување на нивните права и интереси, рече Манчевски.

Покрај тоа, додаде, предложени се и измени на Законот за административни службеници кои предвидуваат вработените од пониски позиции да можат да имаат скок за три нивоа наместо едно, како и за укинување на потребата од меѓународно признати сертификати за познавање на еден од трите светски јазици, како и на делот од испитот за проверка на интелектуалниот капацитет и тестот за личност.

– Нашата заложба е професионална, стручна, ефикасна и задоволна администрација, која е сервисна граѓаните, а не партиски слуга. Гарантираме професионална и департизирана јавна администрација способна да ги обезбеди правата и интересите на граѓаните. Работиме на тоа граѓаните да ги обезбедуваат своите права побрзо, полесно, поквалитетно и поевтино, потенцира Манчевски.

Сподели: