Манчевски: На порталот во Каталогот на услуги достапни се сите информации за добивање на 744 услуги

Сподели

 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на денешната прес конференција се осврна на проектите реализирани од 2017та година до денес, во насока на дигитална трансформација на нашата држава.

 

 

Како што посочи тој, по само два месеци од пуштањето на употреба на порталот за електронски услуги uslugi.gov.mk, граѓаните веќе ги чувствуваат придобивките. Скоро 9.000 граѓани се регистрирани и секојдневно користат, 128 електронски услуги. Дополнително, на порталот во Каталогот на услуги веќе се достапни сите информации за добивање на 744 услуги. На овој начин, ги заменуваме шалтерите со услуги што се добиваат електронски, а Каталогот претставува единствен извор на податоци за тоа како, во кој рок, во која процедура се добива секоја од овие 744 услуги.

„Тоа што затекнавме во 2017та година, беше голем број на институции меѓусебно неповрзани, а дигитална комуникација помеѓу граѓаните и институциите не постоеше. Единствено, имаше платформа за интероперабилност, но најголем дел од институциите не беа воопшто поврзани. Ова не е видливо за граѓаните, но ефектите ги осеќаа сите граѓани. Губење време по шалтери, нејасни процедури, различни лични податоци во различни институции…“, потсети министерот Манчевски.

Како што рече министерот Манчевски, после две и пол години посветена работа, ситуацијата денеска во сферата на дигитализацијата е различна.

„Централно место има новиот портал за е-услуги, поврзан со Регистарот на население и со Каталогот на услуги, со обезбедено дигитално потпишување, пополнет ИСУЧР, нова платформа за управување со административни постапки и нов ДМС систем. Со други зборово имаме целосно поставен правен и технички систем за сите интитуции да можат можат своите услуги да ги нудат по електронски пат на граѓаните“, информираше министерот.

Дополнително, тој се осврна и на новото решение на Мастеркард за дигитално потпишување, кое се имплементира во Северна Македонија, како прва држава во светот, каде ќе се развие ова решение.

На овој начин се овозможува имплементација на решение со кое се олеснува докажувањето на идентитетот на граѓаните при користење за приватните или јавните електронски услуги.

Предвидени се 5 бесплатни потпишувања за првите 150.000 корисници на е-владини услуги во текот на првите 12 месеци. За реализација на ова Мастеркард одвојува 3 милиони евра.

„Од земја која значително заостануваше, денес Северна Македонија има целосно воспоставен систем за дигитален јавен сектор. Во одредени решенија не само што сме лидери во регионот, туку и пошироко во европски и светски рамки, а тоа го увидоа и големите мултинационални компании како Мастеркард. Нашате политика не е да го следиме светските трендови, туку да ги водиме. Тоа и ќе продолжиме да го правиме“, заклучи министерот Манчевски.