Вести Македонија Став

Заканите за тужби за клевета ги вознемирија новинарите – Насер Селмани

 

Тужбите за клевета и навреда против новинари поднесени од политичари како инструмент за вршење притисок и нивно замолчување, последните три години како да престанаа да ја загрижуваат новинарската заедница. Во овој период не само што се намали бројот на тужбите, туку и генерално и судовите во тековните процеси против новинари, не изрекуваа високи надоместоци за нематеријална штета.

Последните три години имаше по околу триесет активни судски процеси секоја година, дел нерешени од претходните години и помал број ново поднесени. Во 2019 имаше тенденција да опаѓа бројот на тужбите од 30 на 25, меѓутоа по заканите за тужби од носители на јавни функции минатото лето, до крајот на годината бројот се искачи на околу 30. За жал, еден дел од тужбите се покренати од самите новинари против други новинари, што остава лоша слика за самата новинарска заедница. Од една страна, се бараше политичари и бизнисмени да не тужат новинари, а од друга, самите новинари се тужакаа меѓусебно.

 

Во 2017 година позитивниот развој за слободата на медиумите беше нотирано во оценката на европскиот експерт, Рајнхард Прибе за владеењето на правото во Македонија. Во делот на медиуми и цивилното општество, се забележува дека бројот на тужбите се намалува и дека тоа прашање повеќе не предизвикува голема загриженост меѓу новинарите. Вака не беше пред две години, кога во итните реформски приоритети од 2015 година, Прибе, во делот медиуми и слобода на изразување, ги третираше тужбите за клевета против новинари како прашање кое властите мора итно да го адресираат. Се бараше намалување на тужбите преку ревизија на законодавството, унапредување на судската пракса како и преку поголемо користење на медијацијата и на системот на саморегулација во медиуми.
Меѓутоа, ваквиот позитивен тренд на решавање на еден сериозен проблем од сферата на слободата на медиумите, со кој новинарите се соочуваа со години наназад, фрли сенка минатото лето кога неколку високи владини функционери најавија дека ќе поднесат тужби против новинари, поради начинот на известување за аферата ,,Рекет,,. Во тоа време тужби најави тогашниот премиер, Зоран Заев, вицепремиерката Радмила Шеќеринска, шефот на дипломатијата, Никола Димитров, како и потпретседателот на Собранието, Фросина Ременски. Речиси во ист период, за случајот за набавка на радарски систем, секретарот на владата, Драги Рашковски се закануваше со тужби за клевета против неколку интернет портали.
Од тие функционери што се заканија со тужби, само екс премиерот, Зоран Заев поднесе една тужба против новинарот Зоран Божиновски, кој на неговиот фејсбук профил го обвини Заев и неговите блиски соработници за обид за земање рекет во случајот ГАМА. За истите наводи, Божиновски заработи и друга тужба за клевета, од првиот човек на „Макпетрол“, Андреа Јосифовски.

Новинарските и медиумските организации отворено загрижени
Помпезното најавување тужби преку медиуми во новинарската заедница се доживеа како лош знак и враќање на старите лоши навики на политичарите пред декриминализацијата од 2013 година, кога масовно се штанцаа тужби за клевета против новинари. Во тоа време речиси секој трети новинар беше тужен за клевета од некој носител на јавна функција или бизнисмен.
Први ваквата загриженост отворено ја изразија новинарските и медиумските организации. ЗНМ и СЕЕМ ги повикаа јавните функционери да се воздржат од тужби за новинари.
„Во согласност со добрата практика на европските земји, прагот на толеранција кај политичарите мора да e повисок и тие треба да постават пример за квалитетно користење на механизмите и телата за саморегулација“, повикуваа во заедничката реакција.
Ниту медиумскиот регулатор не се оглуши пред ваквите закани против новинарите. „Најавите за тужби претставуваат директен притисок врз работата на медиумите, особено кога известуваат за теми од висок степен на јавен интерес. Медиумите се чувари на јавниот интерес и креатори на јавната свест и затоа мора во интерес на јавноста, да објавуваат сеопфатни и проверени информации“, се велеше во реакцијата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тие, исто така истакнуваат дека претставниците на власта со самото прифаќање на јавната функција, прифатиле да бидат предмет на потенцијално силна јавна критика преку медиумите.
Познавачите на приликите се согласуваат дека најавите за тужби придонесоа за одредена вознемиреност во фелата, но предупредуваат дека не треба да се крене голема паника затоа што ситуацијата не може да се врати од пред декриминализацијата.
„Такви тужби можат да влијаат негативно и да ја влошат состојбата со слободата на медиумите. Постојано се покажува дека судството е далеку од независно и тешко е да се замисли ситуација, во која тоа би го одбило притисокот од извршната власт и од политиката, што може да води кон ситуација во која другите медиуми ќе се самоцензурираат за да избегнат таков вид на закана“, смета Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми, кој долги години ги мониторираше судските процеси против новинари.
Според него, после лошото искуство од режимот на Груевски, склони сме да бидеме внимателни на опасноста власта да ги користи тужбите за заплашување новинари.

Аналитичарите со поделени мислења
Адвокатот Иван Брешковски, ангажиран од ЗНМ за нудење правна помош на новинари, смета дека најавувањето на тужби за клевета од високи јавни функционери ја вознемирија новинарската фела, но додава дека не може да има толкаво негативно влијание како во времето на претходниот режим.
„Новинарите се охрабрени и не ги сметаат ваквите закани за сериозни. Дури и мислам дека ќе бидат повеќе испровоцирани да пишуваат за темите што ги тангираат заканувачите-функционери“, тврди Брешковски.
Интересно е што двајцата познавачи на приликите имаат различно мислење околу начинот на постапување на судовите за предмети за клевета против новинари. Георгиевски смета дека судската пракса значајно е подобрена, вклучувајќи и примена на праксата на Европскиот суд за човекови права.
„Според адвокатите со кои соработуваме во рамките на Програмата за бесплатна правна помош, дури и во најлошите денови, повеќето одлуки се совршено согласни со праксата на ЕСЧП и можат да се користат како одлични примери во образованието на нови судии и адвокати. Она што беше проблем беа двојните аршини, односно различниот третман на случаите во кои како тужител настапува висок владини или политички функционер“, истакнува Георгиевски.
Од друга страна, адвокатот Брешковски е повеќе резервиран во оценката дека судиите ја применуваат праксата на ЕСЧП оценувајќи дека тие не покажуваат интерес да ја запознават материјата.
“Мислам дека не сакаат воопшто да навлегуваат во темата, дали од незаинтересираност, дали од презафатеност, дали од незнаење или пак некој вид на ароганција која искажана преку еден коментар на еден судија, кој го слушнав на еден семинар кој гласеше: „таму некој си суд ќе ни кажува што да правиме ние овде во Македонија“, тврди тој и додава дека има дури и примери кога праксата од судот во Стразбур се злоупотребува против новинарите.

Најмногу тужби се поднесени во 2011 година
После декриминализацијата на клеветата во 2013 година, партиите од власта и опозицијата генерално се воздржуваа да поднесат тужби за клевета против новинари. Исклучок правеше екс-директорот на УБК, Сашко Мијаков, кој ги тужеше новинарите на „Фокус“, а претседателот на ДУИ, Али Ахмети поднесе тужба против уредникот на „Лајм“.
Во двата случаи, Граѓанскиот суд во Скопје ја прифати како основана тужбата на Мијалков и на Ахмети и досуди нематеријална штета и судски трошоци по околу десет илјади евра. За случајот на „Фокус“, парите за штетата ги озбезбеди Здружението на новинари во солидарна акција со новинарската заедница и цивилниот сектор, додека во случајот на „Лајм“, Апелација предметот го врати на повторно судење по што Скопскиот граѓански суд ја корегираше првобитната пресудата и ја отфрли како неоснованата тужбата на Ахмети. Истата пресуда од првостепениот суд беше потврдена од Апелациски суд, по што Ахмети спорот го проследи во Врховен суд, кој сè уште не се изјаснил по неговата жалба.
Според податоци на ЗНМ, заклучно со декември 2019 година, во Граѓанскиот суд во Скопје се воделе околу 30-тина предмети за клевета против новинари. Во споредба со претходната година, има благо зголемување на тужбите, кога биле регистрирани околу 25 предмети против новинари. Сличeн број на тужби имало и во 2017 година.
Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, во 2017 година направи истражување за бројот на сите тужби за клевета од 2011 до 2016. За шест години вкупно во цела Македонија биле поднесени 1.909 тужби, од кои 497 пред Скопскиот граѓански суд меѓу 2013 и 2016 година, за кои нема податоци како се поднесени одделно по години. За овие три години против новинари во Скопје се покренати 173 тужби, што е околу 34 посто од вкупниот број на тужби.
Ако се иземат овие тужби до Скопска двојка, од останатите 1.412, по години најмногу тужби се поднесени во 2011, кога се регистрирани вкупно 604 тужби. Следната 2012 имало 473 тужби. Наредните три години има тренд на опаѓање на тужбите. Во 2013, годината кога се декриминализараше клеветата со која се амнестираа сите активни тужби што се водеа пред Кривичниот суд во Скопје, бројот на тужби опадна на 108. Истиот тренд се на опаѓање се оддржа и во наредни, во 2014 година имаше 94, а во 2015 имаше 81, и во 2016 година, само 52 тужби.
За споредба од податоците на СКУП, во кој се опфатени сите тужби за клевета, ЗНМ ги регистрира само тужбите против новинари. Според нивните податоци, во 2016 и 2017 година имало тренд на намалување на тужбите. Ако во 2016 имало околу 40 тужби против новинари, во 2017 бројот опаѓа на 30. Најголем дел се предмети незавршени од претходните години и помал број ново поднесени тужби.

автор: Насер Селмани

Сподели: