Манчевски првпат одржа предавање на ФДУ

Сподели

Филмот не го правиме за вечноста, но не и за публиката. Ова можеби ви звучи себично, ама факт е дека публиката можете да ја поткупите, но делото – не!

Фото: Кристијан Калинов

„Светски, а наш, светски, а туѓ“ – вака професорката Синоличка Трпкова го претстави режисерот Милчо Манчевски завчера пред почетокот на разговорот што тој го водеше првпат на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Повеќе од две децении Милчо Манчевски е симбол за македонската кинематографија, со најнаградуваните филмови зад себе, со предавања како гостин на неколку десетици факултети и академии, а дури сега го одржа своето прво отворено предавање на ФДУ.

-Досега не сум бил поканет, а неканет не се оди на гости – се насмеа Манчевски, кој ѝ се заблагодари на Трпкова што го поканила.

Претесно беше факултетското бифе за да ги собере сите студенти што сакаа да го слушнат искуството на Манчевски – авторот на „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, многубројни видеоспотови, реклами, добитникот на „Златен лав“.

-Тој е единствен од режисерите од овие простори што некако го откри светскиот рецепт за правење добар филм. Да се биде свој, оригинален, а истовремено универзален, да се биде возбудлив и инспиративен, полн со изненадувања и балансирајќи на тенката линија помеѓу Истокот и Западот, каде што вековите коегзистираат еден со друг – рече Трпкова, која разговорот го водеше заедно со студентот Кирил Дончов.

Треба ли да се излезе од нашата земја за да се стане добар режисер? – беше прашањето што таа му го постави.

-Како и да одговорам на ова прашање, ќе бидам кабает. Многу пати сум кажал, а и на моите студенти тоа им го кажувам, дека за да се биде добар режисер, потребни се две работи – занает и срце. Занаетот се учи и на студентите им кажувам дека можам да им помогнам да го научат. Срцето не се учи, ама може да се поттикне. Тоа важи за секоја уметност, посебно за филмот. Филмот е кабаст, скапа уметност, има тенденција успехот да се повторува – продуцентите, дистрибутерите го бараат успехот. Ако си сериозен автор и ако не се занимаваш со филм само заради пари и црвен тепих, треба од срце да правиш филм и да си се прашаш зошто го правиш и тоа да го кажеш со свои зборови, не со повторување, не со цитирање. Многу малку филмови се оригинални, големи, длабоки, а користат цитати. Ако мислиш дека треба да има среќен крај, стави среќен крај, а не затоа што публиката го очекува од тебе. Дали тоа треба да го работиш во Македонија или да излезеш за пак да се вратиш. Немам рецепт. Моето искуство е дека јас морав да отпатувам зашто пред милион години кога се запишував на режија, системот беше непотистички. Сакав да студирам некаде, во Полска, и морав да добијам државна стипендија оти такви беа условите, не можевме да одиме на своја рака. Стипендија не можев да добијам и покрај тоа што бев првенец на генерација. Тие стипендии ги добија повторувачи кои беа нечии деца, односно со врски. Колку тоа се променило кај нас низ годините, не знам. Почекав, добив стипендија од Универзитетот во Њујорк, завршив, се вратив овде, подготвив проект, кој беше замрзнат, се викаше „Мусака“ – вели Манчевски.

На прашањето на Факултети.мк дали чувствувал товар после „Пред дождот“, односно каков ќе биде наредниот проект, Манчевски ни одговори:

-Да! Мислам дека човек треба да е луд или страшно самоуверен, па да му е сеедно после таков успех. Резултатот што го постигна „Пред дождот“ е редок во историјата на филмот и беше прогласуван и за најуспешен дебитантски филм. „Њујорк тајмс“ го стави во најуспешни илјада филмови, се предава на академии… И тоа е помалку битно од моментот што најмногу ми импонира – има многу луѓе на кои овој филм емотивно им влијаел после толку години. Многу е тешко да не го осетиш тоа како товар. Како да останеш скроз одличен ученик, да не си ја расипеш петката – се пошегува Манчевски.

Тој им раскажа на студентите за патот на „Пред дождот“.

-Го спакував во Њујорк, поточно во Јамајка. Првите пари беа од „Бритиш скрин“, вторите пари од Франција, „Вардар филм“ учествуваше со 7 отсто, па пред да го завршам, Министерството за култура се пишмани и вложи повеќе. Во сите мои филмови односот на финансиите на странски и домашни пари е пет спрема еден. Сите мои филмови, четири македонски влади заедно ги имаат финансирано колку што беше инвестирано во „До балчак“. Ова се факти што се забораваат – истакна режисерот, кој додаде дека работи интуитивно.

Фото: Кристијан Калинов

-На почетокот секогаш е приказната, потоа по важност е чувството! Кое е тоа чувство што те води да пишуваш – дали е тага („Пред дождот“), дали е тежина („Мајки“), игривост („Прашина“)… Да си режисер е како да вежбаш клавир, вежбаш со саати, пишуваш со саати, па режираш. Моите студенти секоја недела работат по двеминутен филм и не ми е важно во каква технологија. Денес секој снима филм, снимаме и глупости – селфи во тоалет, и тоа се дистрибуира. На тебе е да работиш. Дистрибуцијата е местото каде што системот е важен. Може да направиш одличен филм, а никој да не го види. Ама факт е дека може да снимаш, ако ти е навистина важно – вели Манчевски.

„Вежбај, вежбај, вежбај! – е еден од поважните совети што им го дава на студентите.

-Кога работам со постдипломци, на првиот час се запознаваме и секој треба да каже по една идеја за краток филм, па потоа заедно да го реализираме. Многу се снима и за тоа се разговара. Најважен е дијалогот помеѓу режисерот и делото, а не со публиката или критиката. Филмот не го правиме за вечноста, ама не и за публиката. Ова можеби ви звучи себично, ама факт е дека публиката можеш да ја поткупиш, а делото не можеш. На публиката ако ù го дадеш тоа што го очекува, ќе биде задоволна. Животот е прекраток и нема време човек да се занимава со тоа како некој го гледа тоа што тој го работи. Односот на авторот и критичарот е ист како тој на магарето и зоологот. Магарето си ја брка својата работа, зоологот тоа го анализира – истакна Манчевски.

Кога почнал да го пишува сценариото за „Пред дождот“, воопшто не размислувал дали ќе му се бендиса некому.

-Во тоа време пишував проекти за Холивуд, не ми одеше баш добро, а „Пред дождот“ го пишував за себе. И на сите што ќе го прочитаа им се допаѓаше. Сценариото беше готово во март, а почнавме со снимање на филмот во септември, што многу ретко се случува да се изведе толку брзо. Тоа кажува дека треба да се работи од срце. Зошто го поставив филмот циклично? Затоа што линијарната поставеност ми беше досадна. И одлучив да правам нешто друго, да биде циклично и да направам експеримент. Мене пишувањето ми е најубаво, најлесно, најпријатно. Кога пишувам, само пишувам, не се обидувам да режирам. Прво пишувам и тогаш сум најслободен. Кога ќе завршам, му го предавам текстот на режисерот во мене – вели Манчевски.

Тој откри зошто многу ги користи лубениците во неговите филмови и видеа – зашто ги сака многу и дека се убави за снимање.

-Патлиџаните ги употребувам со намера, оти премногу компактно ја симболизираат Македонија и затоа во првата сцена на „Пред дождот“ имаше патлиџани – вели Манчевски, кој неодамна во САД го сними филмот „Бикини“, првиот игран филм што не е снимен во Македонија.

fakulteti.mk