DW: Поради опасност од тероризам прекинат рок-вестивал

Сподели

Поради стравувања од можен терористички напад, вчеравечер е прекинат еден од најголемите рок-фестивали во светот „Рок ам Ринг“, којшто се одржува на Нирбургринг, пренесе Дојче веле.

Фестивалот, кој секоја година го посетуваат десетици илјади, е прекинат поради „терористичка опасност“, а одлуката дали ќе продолжи ќе биде донесена денеска. Полицијата во Кобленц прекинот на еден од најголемите рок-фестивали во светот ја образложи со „конкретни укажувања“ за можен напад, но не наведе натамошни детали.

Според информации на АРД, во позадината на одлуката за прекин на легендарниот „Рок ам Ринг“ е апсењето на две лица во Кобленц. Тие наводно имале легитимации на персонал кој помага во текот на одржувањето на фестивалот и со кои имаат пристап до местото на одржување на концертите. Еден од уапсените имал роднински врски со лице кое е притворено поради сомневања за тероризам.

Министерот на германската покраина Рајнлан Пфалц, Роџер Левенц, изјави дека полицијата детално ќе го провери просторот на одржување на фестивалот и дека има неколку работи на кои се концентрира истрагата. Сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие ја поддржа одлуката на Левенц за прекин на фестивалот.

Полицијата вчеравечер им нареди на организаторите на тридневниот фестивал да побараат од посетителите да го напуштат просторот на одржување на манифестациите. Организаторот Марек Либерберг се надева дека „Рок ам Ринг“ ќе продолжи и дека концертите кои отпаднаа поради прекинот ќе бидат дополнително одржани.

Сомнежи околу безбедноста на фестивалот имаше уште пред неговото прекинување. Присуството на полицијата на Нирбургринг беше зголемено, меѓу другото и поради терористичкиот напад во Манчестер пред една и пол недела. Либерберг на почетокот на фестивалот потсети на жртвите од Манчестер.