Вести Изјави Македонија Ударни вести

Маричиќ: Скринингот ни ја дава сликата за следните реформски чекори

Сподели:

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денес се обрати до јавноста преку прес- конференција на која го објасни процесот на отпочнување на преговорите за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија.

– Досега преземените чекори од Северна Македонија се цврста основа за подобро справување со предизвиците што ќе дојдат понатаму во процесот, сега кога преминуваме во следната фаза од нашите пристапни разговори. По меѓувладината конференција имавме состанок кој го означи почетокот на фазата на скрининг, рече Маричиќ, додавајќи дека скринингот е аналитичка презентација на состојбата во земјата кандидат за членство во Унијата во однос на нејзиниот степен на усогласеност со правото на ЕУ.

 

 

– Би кажал, формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, која е неопходна и многу важна за да добиеме јасен преглед каде стоиме и што треба да направиме во годините што следат, а со цел да станеме рамноправна земја членка на Унијата, посочи вицепремиерот Маричиќ и нагласи дека скринингот ќе се состои од две фази и тоа објаснувачки, каде што Европската комисија на земјата кандидат и ги презентира клучните правни акти за секое поглавје и билатерален скрининг, каде Северна Македонија ќе го презентира степенот на усогласеност на националното законодавство согласно презентираните акти на ЕУ за време на објаснувачките состаноци, институционалните капацитети и спроведувањето на законите.

– Процесот на скрининг, иако се смета за техничка операција, треба да го гледаме како суштински елемент на пристапните преговори, бидејќи ни ја дава сликата за сè што треба да направиме во годините што следат со цел да го спроведеме реформите од ЕУ агендата. Тука мислам на усогласувањето со европското право и стандарди, но и на градењето на административните капацитети и ефикасно спроведување на усогласеното законодавство, објасни вицепремиерот Маричиќ.

Северна Македонија го помина процесот на објаснувачки (скрининг) состаноци во периодот 2018-2019 година за 33-те поглавја, пред објавувањето на новата методологија, а во овој период Европската Комисија презентираше преку 8 000 ЕУ акти пред околу 2000 наши државни службеници. Врз основа на ова искуство, администрацијата е подготвена за полесно ажурирање на законодавството на ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ  потенцираше дека со Новата методологија за пристапни преговори во 2020 година, скринингот ќе се одвива на ниво на кластери, по исполнувањето на одредниците за отворање (доколку ги има), а затвoрањето ќе биде на ниво на поглавје по исполнување на одредниците за затворање.

-Со затвoрањето на сите поглавја во еден кластер ќе се затвори и Кластерот без други дополнителни услови. Врз основа на билатералниот скрининг, Комисијата подготвува извештај за скринингот (screening report) и го презентира на Советот кој одлучува за започнување на преговорите, по препорака на Комисијата, дополни Маричиќ. 

Сподели: