Меџити: Европските практики во здравството поддржани од меѓународните организации

Сподели

 

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити во своето излагање на годишната конференција „Година на европски можности“ изјави дека е започната реформа во примарната здравствена заштита, со тоа што пациентите веќе не мора да одат кај специјалисти за основни потреби, а матичните лекари се чувствуваат ценети.
 
„Ние сме земја пример за спроведување на оваа реформа во ПЗЗ за што бевме како држава пофалени и лично од страна на Ханс Клуге, директорот на СЗО за Европа, која Организација беше наш континуиран партнер и поддршка во оваа реформа. Ова е само уште една потврда дека ние како Министерство ги исполнуваме барањата и очекувањата на пациентите. ⁠Од друга страна на овој начин преку реформски процеси во здравствениот систем, го штитиме и здравјето на пациентите. Овие реформи во ПЗЗ овозможуваат кај пациентите навреме да бидат откриени хроничните болести, како и подобро да се следат оние кои веќе се дијагностицирани“, рече Меџити.
 
Меџити, потенцираше дека по 13 години се ревидира позитивната листа на лекови и десет нови лекови ќе се најдат на позитивната листа со што пациентите ќе заштедат пари.
 
„Ние како Министерство за здравство сме горди што успеавме со поддршка на УНИЦЕФ и УСАИД, како и универзитетските клиники за психијатрија и гинекологија прв пат од ваков обем да обезбедиме научни податоци, за менталното здравје кај адолесцентите и нивните семејства, како и жени во перинатален период. Министерството за здравство веќе има Стратегија за ментално здравје 2018 – 2025. Прв приоритет на Националната здравствена стратегија е менталното здравје на деца и адолесценти, односно развојот на мрежа на институции во државата со помош на Европската Унија – се очекуваат конкретни проектни планови во текот на оваа година. Менталното здравје е “тивка“ епидемија после ковид пандемијата, особено за децата и младите. И затоа ќе следат разгледување на препораките од студиите и начин како дел од тие препораки да се имплементираат“, истакна Меџити.