Колумна Текстови

МЕЃУНАРОДЕН ТЕРОРИЗАМ – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели:

13076662_1003639613054306_5485997660944431789_n-1-2-1-1-1-1

Кога човештвото зачекори во новиот милениум и во новиот 21 век, неговите надежи и очекувања беа, дека започнува нова ера во светската цивилизација насочена кон траен планетарен мир, напредок и благосостојба. Дека главната битка ќе се води за намалување на сиромаштијата, за спас на планетата од климатските загадувања, за научен и технолошки прогрес кој што досегашната трка во наоружувањето ќе ја преусмери во мирољубив натпревар меѓу државите и народите кон нивна соработка и меѓусебно почитување. Така барем прокламираа светските лидери во своите јавни прокламации.

Меѓутоа, наместо мир и просперитет, сведоци сме дека првите две децении светот доживува стравична ескалација на воени судири на речиси сите континенти, каде што меѓународниот тероризам прераснува во општоцивилизациска закана и најголема опасност за меѓународната безбедност. Нема ден, нема држава или град каде што тој не оставил крвави траги зад себе. Жртви се невини луѓе од сите возрасти, од сите националности и вери, од сите политички припадности. Статистиката нема точна бројка на сите загинати и ранети, но сигурно е дека таа не е под неколку десетици илјади настрадани.

Додека терористичките акции се изведуваа подалеку од европскиот и западен свет, кога во многубројни самоубиствени бомбашки напади и заложнички драми страдаа луѓе во разни африкански и азиски држави, било во џамии, хотели, пазаришта или студенстски интернати, светската јавност ги доживуваше претежно како внатрешнополитички и религиозни судири во тие држави, каде што разни радикални елементи со примена на терористички средства сакаат да ги остварат своите терористички цели. Телевизиските вести, на пример, за секојдневните масакри во Авганистан, Пакистан, Индонезија, а  подоцна во Ирак, Сирија и Јемен се проследуваа исклучиво низ објава на статистички бројки на жртвите и начините како тие биле извршени. Но, кога меѓународниот тероризам стигна во самиот центар на најмоќната држава во светот, каде што 11 септември 2001 година во самоубиствени авионски налети напросто беа торпедирани симболите на американската гордост Њујорк и Вашингтон, а потоа се префрли и во повеќе европски држави и метрополи, предизвикувајќи хаос и паника во нивните безбедносни системи, стана повеќе од јасно дека светот влегува во една валкана војна со најподмолниот непријател во својата историја. На алармот за тревога големите велесили одговорија со повик за обединување на сите држави во антитерористички сојуз, прогласувајќи го екстремниот исламизам за извор на најголемото зло на денешницата. На тој начин, димензиите на терористичката идеологија се сведоа  на пресметка претежно со следбениците на Исламскиот калифат, поттикнувајќи огромно незадоволство и револт кај муслиманскиот свет, што терористичката агресија еднострано се поврзува за исламот. Притоа, се наведуваат конкретни факти дека досега во разни терористички напади загинале или биле ранети десет пати повеќе муслимани, отколку припадници на други вери, што недвомислено покажува дека најголеми жртви на радикалниот исламизам е токму муслиманското население. Сето тоа укажува дека борбата против меѓународниот тероризам не ќе може успешно да се води без поддршка и вклучување на тие заедници во заедничкиот антитерористички фронт но, исто така дека без попрецизно меѓународно дефинирање на тоа што всушност претставува меѓународниот тероризам неговата осуда ќе биде половична и без ефикасна завршница.

Фрапантно е сознанието дека водечките светски елити, и покрај општоприфатените правни формулации за поимањето на терористичките акти, сеуште немаат изграден јасен став околу одредувањето на нивниот карактер. На тој начин, присутвото на двојни стандарди во неговите проценки осуди, раководени од нивни различни геостратешки планови и интереси, фактички придонесуваат за натамошната наезда на терористичките активности. Како последица на тој расчекор, доаѓа до апсурдни ситуации: држави што биле мета на екстремниот тероризам, воено и финансиски да подржуваат одделни  организации и движења во разни делови на светот кои што по сите правни параметри претставуваат терористичка опасност. Поради тоа, често се случува еден грозоморен терористички акт извршен во некоја држава да наиде на општа осуда во дел од пошироката јавност и во одделни меѓународни форуми, а воздржано или премолчено да биде амнестиран од други држави и организации.

И додека водечкиот политички естабилишмент се исцрпува во бескрајни и дволични дебати, како да се обедини и да се справи со најголемиот воен предизвик на светот, меѓународниот тероризам како рак-рана се шири и го разорува ткивото на и онака кревкиот и анемичен светски мир, сеејќи страв и паника меѓу обичните луѓе ширум целата планета.

Сподели: