Вести Свет

Meксико го предупредува Трамп за НАФТА

Сподели:

Министерот за финансии на Мексико предупреди дека намерата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, повторно да ги разгледа условите за Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА), ќе биде против интересите на двете држави

МЕКСИКО (АА) – Министерот за финансии на Мексико, Хозе Антонио Меаде, предупреди дека намерата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, повторно да ги разгледа условите за Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА), ќе биде против интересите на двете држави, јавува Anadolu Agency (AA).

Меаде даде изјава за британскиот весник „Фајненшл тајмс“, во која рече дека НАФТА во текот на годините создала заемен синџир на вредности и додаде оти ќе биде тешко ако тие еднострано се прекинат.

Тој нагласи дека договорот за слободна трговија во текот на годините сѐ повеќе го усложнува синџирот за снабдување и додаде:

„Веќе не продаваме само фармерки. Можевме да зборуваме за логиката на трговијата според тоа која држава најмногу заработува во 1992, меѓутоа сега разговараме за поинтензивен и заемен однос заснован на синџирот на вредности. Никој не може сам за себе да има корист од уништувањето на овие вредности. Во ваков случај, штетата нема да биде само за Мексико“.

Претседателот на Мексико, Енрике Пена Нието, пред извесно време беше изјавил дека е отворен за преговори околу НАФТА со Трамп.

Минатата недела во Перу, на Азиско-пацифичкиот самит на лидерите тој даде изјава во врска со оваа тема: „Треба да преминеме преку преговорите и да ја модернизираме НАФТА. Да го ажурираме договорот според потребите на моменталната доба, за да биде една посилна и модерна алатка“, истакна тој.

Победата на Трамп во САД ги зголеми грижите во Мексико, околу тоа дека ќе се измени договорот НАФТА, или пак сосема ќе биде укинат.

Извозот на производи во САД чини 80 проценти од целокупниот извоз на Мексико, а 29 проценти од бруто домашниот производ.

Благодарение на НАФТА, овој бизнис се одвива независно од ограничувањта на границата со САД.

По победата на Трамп, мексиканскиот пезос доживеа рекорден пад во однос на доларот и истиот ден, Мексиканската централна банка, со цел да го контролира овој пад, по четврти пат во годината мораше да ги зголеми каматните стапки.

Сподели: