Меморандум за соработка за дигитално поврзување на Собранието и Управниот суд

Сподели:

Претседателот на Собранието, Африм Гаши и в.д. претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини го потпишаа Меморандумот за соработка за дигитално поврзување на Собранието на Република Северна Македонија и Управниот суд. Овој меморандум е потпишан согласно Планот за дигитално поврзување на Управниот суд со јавните органи, Вишиот управен суд и правните и физичките лица преку соодветна софтверската платформа. Целта на Меморандумот е да се воспостави рамка за меѓусебна соработка за дигиталното поврзување (софтверската платформа за дигитализација ЕПУС) при извршувањето на утврдените надлежности на институциите.

Дигиталното поврзување и размена на податоците меѓу Собранието и Управниот суд  се воспоставува и спроведува согласно  важечките прописи, и тоа: Законот за управни спорови, Законот за општата управна постапка, Судскиот Деловник, Законот за судови, Законот за електронско управување и користење на услуги, Законот за заштита на личните податоци и согласно надлежностите на Собранието и Управниот суд, како страни потписнички на овој меморандум.

Меморандумот ги опфаќа следните процеси: поднесување на тужба; покана за одговор на тужба; достава на одговор на тужба и списи; одговор на одговор на тужба; достава на покани; достава на одлука; достава на жалба; одговор на жалба; достава на одговор по жалба со списи; одговор на одговор на жалба; достава на жалба до Виш управен суд; достава на второстепена одлука; достава на второстепена одлука до странките; достава на додатни списи за предметот и достава на останати акти за предметот. Сите овие процеси дигиталното поврзување на Собранието и Управниот суд  ќе ги забрза, олесни и ќе придонесе за поефикасно работење на институциите од една страна и поефикасно остварување на правата на физичките и правните лица утврдени со закон.

Во спроведувањето на овој Меморандум страните потписнички ќе ги применуваат највисоките стандарди за безбедност согласно националното законодавство и ќе ја почитуваат доверливоста на податоците и информациите кои се предмет на размена.

Меморандумот ќе биде предмет на постојана заедничка анализа, како и на евентуална дополнителна измена согласно потребите на страните потписнички, со цел за унапредување на соработката.

Сподели: