МЕТА: Дали странците треба да се загрижени кога ВМРО им се заканува

Сподели

Последната епизода со некролозите, односно врамените траорни фотографии на сегашни и на поранешни амбасадори во Македонија, не е исклучок, туку повеќе е нов прилог во децениските закани што дипломатските претставници во земјава ги имале кога на власт била истата партија (ВМРО-ДПМНЕ), како и дел од истите фунционери.

Во 1999 година, по интервенцијата на НАТО во соседна Југославија, имаше насилни протести и обид за насилен упад и за палење на американската амбасада на булеварот Илинден.

Драмата од тој ден ја пренесе во мемоарите тогашниот американски амбасадор во Скопје, Кристофер Хил.

До раното попладне, малата група распеани студенти се повлече, а ја замени доста поголема група која не беше заинтересирана да пее, туку да фрла јајца преку оградата. Заедно со јајцата ќе долеташе и по некој камен. Главен проблем беше што македонската влада не обезбеди поголемо полициско присуство. Автобусите со демонстранти се истоваруваа кај хотелот „Александар палас“, но кога ќе го видеа застрашувачкиот полициски кордон таму, се вртеа назад и одеа надолу по Илинденска кон Aмбасадата.
Околу 17.15 часот, прозорците почнаа да попуштаат под налетот на камењата и падна наредба дека е време да се искористат специјално подготвените простории во подрумот на Aмбасадата. Им наредив на сите вработени да се симнат долу, лично проверувајќи ги собите да не заборавиме некого. Имаше вкупно 42 лица, повеќето Македонци, вработени во Aмбасадата. Дотогаш веќе влезната порта беше урната, а толпата беше во дворот на Aмбасадата. Сцената беше ужасна, демонстрантите ги палеа нашите возила. Видов еден демонстрант, не многу млад, со долга волнена наметка, како зема голем камен и удира по задниот прозорец на автомобил додека не го скрши, а потоа запали молотов коктел и го фрли на задното седиште.

Бункерот, составен од неколку простории заштитени со дебела челична врата, имал директна врска со Стејт департментот, од каде го следеле секој момент на драмата, а функционирала и мобилната телефонска врска со вработен од обезбедувањето на Aмбасадата, кој бил вмешан меѓу групата демонстранти и го информирал амбасадорот Хил за тоа што му се случува во дворот. Преку трета линија, службеници на Aмбасадата барале интервенција на македонската полиција, а од четврта страна во тек биле разговори со генералот Вестли Кларк, кој на барање на државниот секретар Медлин Олбрајт, подготвил единица од 75 американски маринци од базата кај Петровец, која би интервенирала во случај на крајна нужда.
Амбасадорот додава дека главна причина за загриженост во бункерот било снабдувањето со воздух и што би се случило со системот доколку целиот објект над нив биде запален. Во случај да останат без воздух, вработените во Aмбасадата имале опција да искористат и тунел кој ќе ги одвел до паркиралиштето, точно каде што во тој момент демонстрантите ги палеле нивните автомобили.
Околу 18 часот, демонстрантите го скршиле јарболот и почнале да го користат како орудие за уривање на влезната врата. Петнаесет минути подоцна, преку нивниот службеник во групата демонстранти, во бункерот дознале дека полицијата интервенира и ги брка демонстрантите од дворот на Aмбасадата.

По ова искуство, САД ја преместија амбасадата на скопското Кале.

Ова многу потсетува на трагичната епизода со американската амбасада во Бенгази на 11 септември 2012 година, кога 125 – 150 вооружени исламски милитанти извршија серија напади во кои загинаа американскиот амбасадор Кристофер Стивенс и уште три други лица, а десетина беа повредени.
milenko BejliВодителот Миленко Неделковски, кој е поддржувач на партијата на власт и близок пријател на Никола Груевски, во јуни годинава ја направи токму таа спојка и му се закани на американскиот амбасадор Џес Бејли, постирајќи ја пораката „Џеси, Џеси, пази Бенгази да не ти се деси… “

Истата година Борис Трајковски, несреќно загинатиот претседател на Македонија, тогаш во својство на министер за надворешни работи, се прослави со изјавата за бегалците од Косово пред странските новинари:

„Слушам на „Си-ен-ен“ дека постојано кружи една, да не кажам за мене и навредлива констатација дека ова е срам за Македонија. Ова е срам за меѓународната заедница. Никој од вас не прашува кои се проблемите на оваа влада и на оваа држава. Многу убаво вие, од далеку, во Шведска ги следите настаните. Јас ќе ви предложам нешто конкретно. Испратете 100 авиони на скопскиот аеродром и пренесете ги во Стокхолм.“

Во 2001 година, во текот и по конфликтот од кој произлезе Рамковниот договор, власта постојано ги обвинуваше странците дека се на страната на ОНА и на Албанците.

На постојани вербални напади беше изложен поранешниот европратеник во Македонијав Ерван Фуере, кој и ден-денеска се јавува со критички ставови за актуелната политичка состојба во Македонија.

Неговиот наследник, Аиво Орав, иако не беше толку вокален, сепак на седница на собраниската Комисија за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции изјави дека морал да го зголеми обезбедувањето бидејќи „многу медиуми поведоа засилена кампања против европските претставници“.

Посредникот во преговорите помеѓу партиите за Договорот од Пржино, Белгиецот Питер Ванхауте, кој отворено ја критикуваше партијата на власт, беше од неа прогласен за „персона нон грата“ и му беше порачано дека во земјава може да дојде само како „турист“.

На 15 септември годинава, само неколку часа откако СЈО објави дека ги поднесува првите две обвиненија, се огласи алармот во Амбасадата на САД, а на разгласот повеќепати се повторувало „Ова не е вежба“.
Присуството на дваесетина припадници на полициската единица „Алфи“ во близина на амбасадата, довело до активирање на американските безбедносни протоколи и до инструкции за вработените да се тргнат од прозорците и да се засолнат.
Целата драма траела дваесетина минути, поради, како што се покажало, ненајавена вежба на полициската единица „Алфи“, чии припадници симулирале реакција во случај на терористички напад на Амбасадата на САД, без за тоа да ја известат амбасадата.
Вежбата на полициската единица за прв одговор и интервенции „Алфи“ била изведена по наредба на началникот Ивица Анчевски-Пуки. Тој побарал сите тимови во Скопје, со комплетна опрема, да се упатат пред амбасадата за да се процени колку време им е потребно во случај на терористички напад.
Меѓутоа, Амбасадата на САД за таква вежба не била однапред информирана, што е редовна процедура во таков случај.

Не е познато дали поради ова имало прекршочни или други последици за извршителите.

meta.mk