Вести Македонија Ударни вести

„Мета“, „Порталб“ и „Вистиномер“ добитници на наградата „Роберто Беличанец“ 2019

 

 

Новинската ангенција „Мета“, порталот на албански јазик „Порталб“ и алатката за зголемување на отчетноста „Вистиномер“, како медиумски изданија на Фондацијата „Метаморфозис“ ја добија наградата за Медиум промотор на новинарството како јавно добро – „Роберто Беличанец“ за 2019 година.

Наградата ја доделува Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници во партнерство со Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Медиа дајверзити институтот од Лондон во рамките на проектот “Писменост за вести и дигитална писменост – справување со лажните вести“, поддржан од Европската Унија.

Трите медиумски проекти на „Метаморфозис“ работат на просторот во домашната дигитална медиумска сцена со професионално изработени, оригинални и проверени информации, а истовремено, објавувајќи вести на повеќе јазицки, меѓу кои македонски, албански и англиски прават обид за премостување и зближување на фрагментираната медиумска сцена.

Трите медиуми со заеднички напори се посветија на разоткривање на дезинформации не само од земјата, туку и од регионот на Западен Балкан. Така, и „Порталб“ и „Мета“ и „Вистиномер“ редовно објавуваат содржини преку кои се разоткриваат или се изложуваат пред јавноста манипулациии дезинформации во однос на Македонија објавени во медиумите во Србија, Бугарија, Албанија, Грција и Косово.

Покрај тоа, во „Мета“, „Порталб“ и „Вистиномер“ од особено значење е користењето на новинарството базирано на податоци, креирање визуелизации на податоците и продукцијата на кратки видеа на определени теми. Темите кои темелно се обработуваат се внимателно одбрани и најчесто се однесуваат на прашања кои се од исклучително значење за општеството и за граѓаните.

Признанието „Роберто Беличанец“ се доделува за континуирано чувство за општествена одговорност, третирање на новинарството како јавно добро преку залагање за слобода на изразување, придржување до кодексот на новинари, третирање на теми од јавен интерес, како и коректен однос кон вработените – почитување на нивните работнички и професионални права.

Наградата е воспоставена лани тргнувајќи од премисата дека демократско општество кон кое Македонија се стреми е можно само доколку новинарството се третира како јавно добро, како инструмент преку кој власта е под постојана контрола и преку кој се заштитува јавниот интерес.

Сподели: