Вести Македонија

Министер за еден ден – тактички потег на ВМРО-ДПМНЕ за предизборна контрола на МВР

Сподели:

chavkov-spasov-andonov-860x680

Поставувањето на поранешниот професор на универзитетот МИТ и активист на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), Оливер Андонов, за министер за внатрешни работи за еден ден е последниот тактички потег на ВМРО-ДПМНЕ. Ова партијата на власт го прави да ги обезбеди клучните позиции во МВР со проверени кадри пред утрешното гласање во Собранието за избор на привремената влада за спроведување на изборите на 11 декември, велат добро упатени извори за „Мета“.

Одговорот на прашањето зошто Владата го поставува Андонов за министер на само еден ден пред седнувањето на Оливер Спасовски во истата фотелја, е поврзан со именувањето на Митко Чавков и на Владимир Атанасовски за директори на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кои важат за проверени кадри на владејчката партија.

Власта овие кадровски рокади и прегрупирања ги прави токму денеска, оти утре веќе ќе има нов министер од опозицијата, а на сила ќе стапат и анексите од договорот од 20 јули, меѓу кои е и суспендирањето на Законот за внатрешни работи, односно зошто да биде комплицирано, кога може целата операција да биде изведена едноставно?

Претходно, овие рокади не можеа да се направат бидејќи уште немаше датум за избори, односно се очекуваше лидерската средба, која се одржа вчера, а евентуалното нивно спроведување во наредниот период би можело да биде комплицирано бидејќи од утре ќе има привремена влада, со министри и со заменици министри од опозицијата.

– Владејачката партија со денешните измени во МВР се утврдува и ги зацврстува своите позиции пред избори во министерството од кое нема намера да се откаже. Министерството за внатрешни работи е најважната институција за време на избори и власта сака тоа да остане МВРО-ВМРО, а Оливер Спасовски да биде само англиска кралица, односно да нема моќ да одлучува – вели еден од нашите соговорници.

Друг извор го потврдува истото, додавајќи дека денешните потези на Владата имаат цел да му ја отежнат работата на министерот од редовите на опозицијата, кој треба да биде именуван утре.

Инаку, директорите на БЈБ и на УБК, според Законот за полиција, ги именува Владата на предлог на министерот за внатрешни работи. Денеска министер ќе биде Оливер Андонов, а од утре, најверојатно, Оливер Спасовски.

Во јуни годинава, Собранието донесе измени на Законот за полиција, кои пратеникот Павле Трајанов ги окарактеризира како упад во законот за полиција од страна на власта.

Со измените на членовите 17 и 18 од Законот за полиција, надлежноста врз работата на дел од криминалистичката полиција, униформираната полиција, граничната полиција, специјалните полициски сили и други, ја презедоа организациски единици во рамките на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), иако до донесувањето на овие измени тие беа под надлежност на Централните полициски служби (ЦПС). Инаку, началникот на Централните полициски служби го назначува министерот за внатрешни работи.

Сподели: