Вести Македонија

СДСМ: ОТВОРАЊЕ ШИРОК ФРОНТ ПРОТИВ РЕЖИМОТ НА ГРУЕВСКИ

Сподели:

sdsm-sedishte

Извршниот одбор на СДСМ, на состанокот одржан попладнево, на централниот одбор на партијата му ги предложил кандидатите за министри и за дополнителни заменици министри за составот на техничката влада, соопштуваат од опозициската партија, но не наведуваат имиња.

На состанокот, извршниот одбор донел одлука која треба да ја потврди централното тело на партијата, да се одржи тематски конгрес „за отворање широк фронт против режимот на Никола Груевски“.

„Извршниот одбор на попладневниот состанок одлучи на централниот одбор да му ги предложи кандидатите за министри и за дополнителни заменици министри за составот на техничката влада за организирање и за спроведување избори. Воедно, извршниот одбор донесе одлука да му предложи на централниот одбор одржување тематски конгрес на партијата за отворање простор за широк фронт против режимот на Груевски и утврдување на приоритетите на идната демократска власт во Македонија, професионални и демократски институции што ќе работат во интерес на граѓаните, правично општество, економска и социјална стабилност на граѓаните и на државата, независно судство, објективни медиуми…“, стои во соопштението од СДСМ.

Како што најавија од партијата, вечерва од 19.30 часот во седиштето на СДСМ се одржува состанокот на централниот одбор, по кој треба да бидат познати имињата на министрите и на дополнителните заменици министри во привремената влада за спроведување на изборите, закажани на 11 декември.

Сподели: