Министерството за култура и туризам го честита 27 Септември – Светскиот ден на туризмот

Сподели:

По повод 27 Септември,Светскиот ден на туризмот, Министерството за култура и туризам упатува искрени честитки до сите туристички работници, чинители во туристичкиот сектор и граѓани кои со својата посветеност, знаење, труд и гостопримство придонесуваат за развојот и меѓународната промоција на македонскиот туризам.

  • Овогодишната тема, утврдена од Светската туристичка организација при Обединетите нации (UN Tourism), „Дигиталната агенда и вештачката интелигенција за редизајнирање на туризмот“, ја нагласува сè поголемата улога на современите технологии и иновациите во обликувањето на туристичкиот сектор, при што човекот и автентичното туристичко искуство остануваат во центарот на вниманието.

Владата и Министерството за култура и туризам го препознаваат туризмот како значаен фактор за економскиот и општествениот развој на државата. 

Нашата визија е Македонија да се позиционира како препознатлива меѓународна туристичка дестинација преку вреднување и промоција на богатото културно и природно наследство, развој на квалитетни и одржливи туристички производи и услуги, како и примена на современи дигитални решенија.

Позитивните движења во туристичкиот сектор претставуваат поттик за продолжување на активностите за негов одржлив развој и унапредување на туристичката понуда. Во првите седум месеци од 2026 година, Македонија ја посетиле вкупно 741 446 туристи, при што е забележано зголемување на бројот на странските туристи. Меѓу најбројните странски гости се туристите од Турција, Германија, Србија, Романија и Албанија.

Овие резултати ја нагласуваат важноста на континуиранатапромоција на Македонија, унапредувањето на квалитетот на туристичките услуги и развојот на автентична, одржлива и конкурентна туристичка понуда, во согласност со потребите насовремените туристи.

Вештачката интелигенција и дигитализацијата отвораат нови можности за поефикасно управување со туристичките дестинации, подобро планирање и создавање поиндивидуализирани, поинклузивни и поквалитетни туристички искуства. Во соработка со приватниот сектор и сите чинители во туризмот, продолжуваме посветено да создаваме услови за развој на современ и конкурентен туристички сектор, кој ќе ги следи светските трендови, ќе ги зачувува нашите вредности и ќе отовора нови можности за граѓаните и економијата.

Заеднички да продолжиме да ја градиме туристичката иднина на Македонија –отворена, иновативна, одржлива и препознатлива во светот, со човекот, културното наследство и природните убавини во нејзиното срце.

Заедно да градиме туризам што поврзува, инспирира и создава можности за сите! Нека ни е честит 27 Септември – Светскиот ден на туризмот!

Сподели: