Мицкоски: Инвестиција на „Алказар“, Македонија отвора ново енергетско поглавје

Сподели:

“Во мое име и во името на Владата, би сакал да му се заблагодарам најпрвин на инвеститорот што ја препозна Македонија како своја дестинација за водење бизнис и да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на сите заемодаватели коишто го поддржаа овој проект, за од идеја полека но сигурно да стане реалност и денеска да можеме да зборуваме за нова инфраструктура, за нови енергетски производни капацитети од обновлива енергија, за турбини коишто ќе произведуваат електрична енергија којашто ќе придонесува позитивно во македонската економија.

Отпочнуваме инвестиција којашто на крајот, кога ќе биде целосно реализирана, ќе вреди околу половина милијарда долари. Но она коешто мене дополнително ме охрабрува е фактот што од инвеститорот слушнав дека тука ниту почнуваат, ниту завршуваат нивните планови за инвестирање во Македонија. Напротив, тие имаат и други планови, за што ќе ја имаат поддршката од Владата, а справувањето со целокупниот институционален ризик којшто е неопходен за овие проекти да станат реалност ќе биде обврска на Владата. 

Ние како Влада имаме врвен приоритет да поддржуваме ваков тип „гринфилд“ инвестиции, посебно инвестиции во коишто самиот инвеститор сето она коешто ќе го произведе ќе го продава на слободниот пазар и ќе придонесува позитивно во македонскиот БДП и македонската економија.

Уште неколку факти за инвестицијата. Станува збор за неколку стотици работни места, станува збор за нова патна инфраструктура во овој дел од општините низ коишто ќе поминува овој ветерен парк, станува збор за 1 терават час електрична енергија од обновливи извори, тоа е отприлика еден милион мегават-часови, нешто коешто досега е незабележано во нашата историја и нешто коешто, кога сè ова ќе биде реалност, на крајот од годината ќе претставува нето енергетски независна Македонија.

Исто така, сосема на крај, би сакал да споменам кои се идните можности и потенцијали коишто ние ги нудиме, бидејќи втората причина, како што спомена г. Калдерон, се природните ресурси со коишто располагаме, посебно ветерот. 

За таа цел ќе споменам две работи, два факти коишто се многу значајни. Првата е изјавата на претседателката на Европската комисија, г-ѓа Фон дер Лајен, дадена на бизнис-форумот во 2025 година, којашто вели дека Балканот може да биде хаб преку којшто Европа ќе се снабдува со обновлива енергија. 

Имајќи го предвид развојот на вештачката интелигенција, којшто е неповратен процес, проценките се дека во следните отприлика 14–15 години дополнителната потреба од енергија што Европа ќе ја има е отприлика 1.000 терават-часови електрична енергија. Потенцијалот којшто може да го имаме ние како држава да го инвестираме во производни капацитети, а потоа да го произведеме како електрична енергија, е еднаков на 24 терават часови. Тоа можеби само како бројка не значи ништо, но кога сето тоа би се помножило со цената на електричната енергија, би зборувале за бизнис од отприлика 2 милијарди евра годишно, којшто треба да го зголеми македонскиот БДП и да придонесува позитивно во македонската економија.

Имајќи го сето ова предвид, имајќи ги предвид целите на Владата и стратешката ориентација да бидеме раскрсница во овој дел од Европа и регионот, не само од аспект на патната и железничката, туку имајќи ја предвид и енергетската инфраструктура, ние како Влада недвосмислено на врвот на нашите приоритети ја ставаме поддршката на ваков тип гринфилд инвестиции. 

Благодарам и нека ни е аирлија!”

Сподели: