Вести Изјави Ударни вести

Мицкоски: Оптимисти сме за формирање на мнозинство

Сподели:

 

Народот се определи за промени и за тоа дека живееме во реалност која е тешка и мачна за граѓаните. Има еден непобитен факт, таа мачна и тешка реалност донесе апатија и разочараност на граѓаните од политиката.

Важно е што во Македонија расположението е опозициско, а резултатите покажуваат дека опозицијата освои повеќе гласови од власта. А, ВМРО-ДПМНЕ без Беса во редовите на СДСМ освои повеќе пратенички мандати.
ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ победија во 41 општина.

ВМРО-ДПМНЕ заедно со Коалицијата победи во Скопје, победи во Ѓорче Петров, во Бутел, Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Сопиште, Петровец, Илинден, победивме во Македонски Брод, во Велес, Карбинци, Виница, Кратово, Зелениково, Македонска Каменица, Зрновце, Пробиштип, Пехчево. Победивме во Свети Николе, Штип, Чешиново – Облешево. Победивме во Босилово, Гевгелија, Градско, Демир Капија, Василево, Росоман, Кавадарци, Кривогаштани, Могила, Неготино. Победивме во Прилеп, во Вевчани, Дебарца, Охрид, Струга, Демир Хисар, Кичево, Брвеница и Јегуновце.

Овој резултат е постигнат во едни тешки околности, силни притисоци, и бројни нерегуларности. Власта спроведе масовен, масовен поткуп. Денес сајтот на Државната изборна комисија не работи. А, добиваме различни информации дека сомнително се броени и изнесувани податоците.
И со ова се боревме и во текот на целата кампања. А, не сакаме ова да стане главна тема во кампањата затоа што понудата и обновата е она што им треба на граѓаните. Сето ова ми дава за право дека ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата Влада. Кога треба да се соочиш со сериозни предизвици, јас сум оптимист затоа што настапуваме чесно и принципиелно. Алтернативата на сето ова е Заев и продолжување на агонијата. Ова е тешка битка и заедно со вас, со граѓаните, ќе победиме.
Ова е земја на народот и ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка сила – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Сподели: