Мицкоски: Со договорот кој го направивме со синдикатите ги исполнивме своите обврски

Сподели:

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на договорот на Владата со синдикатите, изјави:

„Па овој договор на Владата со синдикатите значи уште еден историски договор, дека во следните две години и неколку месеци, односно почнувајќи од април 2026 до април 2028, околу единаесет илјади луѓе од администрацијата и од службите во судовите и обвинителствата ќе добијат околу 40% повисока плата, од таа што денеска ја добиваат. И со ова Владата како најголем работодавач го заокружува својот договор со своите колеги. Практично на ова му претходеа здравствените работници, па образовните работници, па другите институции и конечно сега со САДУ и со УПОЗ, на тоа ги додадовме и вработените во службите на судовите и обвинителствата, околу единаесет илјади наши колеги. Сето ова кога ќе се заокружи, ние можеме да кажеме дека до крајот на мандатот на оваа Влада, сме ги регулирале нашите обврски и односи со нашите колеги.“

На прашањето дали ќе се донесе едно конечно решение околу минималната плата, бидејќи денеска има блокади пред Собранието, а има и најави за блокирање на Стопанските комори и на Владата, премиерот Мицкоски рече:

„Не, тоа ќе продолжи. Затоа што ова има политичка позадина. Еден од денешните протестанти со мене држеше прес-конференција, видно во егзалтична состојба задоволен од тоа што го постигнал. Но, денеска го гледате блокира со тој другиот којшто се повикува на работнички права, злоупотребува службени возила за приватни цели и уште многу работи допрва, како што имам чувство, ќе бидат сведоци работниците кој ги води, кој ги манипулира во овие политички инструирани процеси. И тоа во периодот што следи, ќе го има, нема да престане, јас сум свесен. Но она, коешто за мене е важно како претседател на Владата е дека аргументот Владата е најголем работодавач, треба да си ги регулира обврските, ние си ги завршивме нашите обврски, изјави денеска премиерот Мицкоски.

Сподели: