Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека опозицијата инсистира на отворање истрага од страна на Обвинителството и прашуваат како Мацура добил лиценца, изјави:
„Најпрвин сакам да кажам дека изминативе денови бев многу, лично фокусиран на предметот за „Алта банка“. И денеска сум голем оптимист дека, за жал од опозицијата ќе бидат разочарани, бидејќи нивните црни сценарија и обиди банката да отиде во неизвесност, односно во стечај, нема да се реализираат.
Ќе имаме финансиска институција, банка којашто ќе биде сопственик на „Алта банка“. Значи ќе ја спасиме банката. Тоа е многу важно и за доверителите, но и за луѓето коишто се во, би рекол некаква релација со „Алта банка“. А тоа е лоша вест нашата опозиција којашто се молеше и на дневна основа водеше кампања дека банката ќе банкротира, ќе иде во стечај и така натаму.
Второ поврзано со нивната естрада, изминативе денови, апсолутно јас се согласувам да отвори Обвинителството случај, да поведе истрага и да видиме што ќе каже таа истрага. Тоа е прво.
И второ, ние како Влада, секој оној којшто ги исполнува сите законски услови, којшто ги исполнува правилата на работа, а впрочем истиот тој Мацура претходно се стекнал со право да работи и на територијата на Австрија, бидејќи австрискиот регулатор му дозволил да стане сопственик на дел од акциите во „Адико банка“. Исто така, истиот тој Мацура да влезе во, би рекол трговски и деловни односи со „Рајфајзен банка“, една од поголемите финансиски институции во регионот. Само покажува дека тоа што го зборуваат од кај опозицијата, претставува политичка естрада и фолклор и јас ќе го третирам само во таа категорија дека е политичка естрада и фолклор. Но тука, тој ги исполнил сите услови, сите критериуми ги испочитувал и се стекнал со правото да работи на македонскиот пазар.
Ние не можеме, како Влада да бираме кој ќе работи или кој нема да работи. Ако од опозициската СДСМ правеле во минатото, кој може да работи и како да работи, ако само неколку фирми коишто биле блиски до ним и до семејството тогашно знаете кое, можело да работи, ние тоа не го правиме, бидејќи секој оној којшто работи на една слободна, пазарна, демократска и би рекол трговска основа, може да работи тука. Замислете ако на тој начин размислуваат сега кај нашиот северен сосед, да речеме одредени македонски компании по правило на реципроцитет да им биде забрането да работат. Еве „Алкалоид“ да не продава лекови во Србија, „Асп-пак“ да не продава мрежи во Србија, „Витаминка“ да не продава кондиторски производи во Србија, „Стокомак“ да не продава и да не формира свои ланци таму на продажба и така натаму. Ако ние влеземе во вакви односи на билатерална основа со државите, тогаш мислам дека лошо се пишува и на економијата, но и на генерално политичките односи во една држава.
Така што оваа естрада и фолклор којшто доаѓа од опозицијата, јас го класифицирам во таа група. Тоа е политичко мочуриште, но она коешто е поважно е дека тие ќе бидат разочарани и нема оваа банка да заврши со црно сценарио коешто тие од петни жили посакуваа да се случи. Затоа рековме уште на самиот почеток од овој случај, тој е увезен случај и ние и опозицијата имаме различна амбиција. Тие имаат амбиција којашто е испреплетена со црни сценарија, а ние имаме амбиција да ја спасиме банката и банката да продолжи да функционира и во тоа верувајте еве на крајот од овој процес ќе видите дека ќе успееме”, изјави премиерот Мицкоски.


