„Образованието е најмоќното оружје кое можете да го искористите за да го промените светот.“
Долго време во нашата држава се правеа експерименти со нешто што не смее да биде предмет на импровизација, со образованието. А токму образованието е фундаментот врз кој се гради секое општество. Кога се прават погрешни чекори тука, последиците ги чувствуваат генерации, не само денес, туку и утре. Долго време, високото образование трпи големи штети поради тоа што такво законско решение се донесе во 2018 година. Не чинеше едно, се донесе уште полошо. Намалени прагови за напредување во звања, намалена научна продукција, намалена финансиска поддршка за универзитетите и ред други работи, донесоа и намален квалитет.
Во исто толкав период не е спроведена ниту една сериозна евалуација, ниту се нотирани слабостите, ниту се предложени суштински решенија. А потребата за промена е очигледна. Како Влада, не можеме да си дозволиме да замижеме и да оставиме уште една изгубена деценија зад нас, изјави премиерот Мицкоски.
Затоа пристапивме поинаку. За првпат, студентите кои со стипендии од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети, како и најдобрите студенти во Македонија – добитници на Инженерски прстен или прогласени за најдобри на своите универзитети – ќе имаат предност при вработување на државните универзитети. Воведуваме и нов модел на финансирање на високообразовните установи. Дел од средствата ќе бидат насочени кон развој, а дел ќе зависат од резултатите.
Буџетот за универзитетите годинава изнесува 7,5 милијарди денари – значително повеќе од претходните години. Овој тренд ќе продолжи. Паралелно, ја стимулираме и научната дејност, затоа што во современиот свет напредуваат оние што создаваат знаење, а не само оние што го користат. Со поддршка за научни трудови, со зголемување на цитираноста и со јакнење на меѓународната видливост, сакаме нашите универзитети повторно да бидат препознаени како центри на квалитет и иновации.
Овој закон не е донесен зад затворени врати. Водевме широка дебата, ги слушнавме универзитетите, експертите, студентите. Ова е заедничко решение. И токму затоа верувам дека ќе даде резултати.


