МНР бара став од Стејт департментот околу изјавата на американскиот конгресмен за поделба на Македонија

Сподели

 

Министерството за надворешни работи, преку македонската амбасада во Вашингтон, побара став од Стејт департментот на САД за изјавите на американскиот конгресмен Дана Рохрбакер дадени во интервју за „Визион Плус“ од Тирана. 

Во соопштението на МНР стои дека конгресменот е член на Комитетот за надворешни работи и претседател на Поткомитетот за европски работи на Претставничкиот дом, па според тоа, неговите изјави предизвикуваат голема вознемиреност во земјата и во регионот. Исто така, МНР предупредува дека ваквите изјави разгоруваат националистичка реторика во соседството.

„Веруваме дека Стејт Департментот соодветнo ќе отстрани секаква дилема околу изнесените позиции, како и дека ќе ја афирмира својата политика кон Македонија и Балканот“, се наведува во соопштението на МНР.

Во интервјуто, конгресменот Рохрбакер вели дека неговиот став е оти Македонија не е држава и дека народите во неа се толку поделени што, според него, најдобро би било Албанците да бидат дел од Косово, а останатиот дел на Македонија да стане дел од Бугарија, или било која друга земја!?

На прашањето дали администрацијата на новиот претседател на САД, Доналд Трамп, ја поддржува оваа идеја, конгресменот одговори: „Јас имам влијание врз американските политичари. Јас сум претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом што се занимава со тој дел од светот. Ќе имаме седници во наредните месеци. Едно од прашањата за кои ќе разговараме е промената на границите, со цел тие да имаат смисла и да донесат мир на Балканот“.